Ekipa
12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ја поздрави најавата на претседателот и премиерката на Финска дека ќе ја поддржат кандидатурата на земјата за членство во воената алијанса, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Доколку Финска одлучи да аплицира, таа би била топло добредојдена во НАТО, а процесот на пристапување би бил брз и непречен“, рече Столтенберг во изјавата, поздравувајќи ја одлуката на претседателот Саули Нинисто и премиерката Сана Марин.
Тој истакна дека „Финска е еден од најблиските партнери на НАТО, зрела демократија, членка на Европската Унија и важен придонесувач за евроатлантската безбедност“.
Генералниот секретар рече дека „членството на земјата во НАТО ќе ја зајакне безбедноста на НАТО и на Финска“.
Финските лидери во заедничка изјава ја објавија својата намера да бараат членство во НАТО „без одлагање“, пркосејќи на предупредувањето на Русија дека не сакаат друга членка на Алијансата на нивните граници.
Финска дели 1.300 километри граница со Русија, а на почетокот на Втората светска војна жестоко се бранеше од советската инвазија.
Земјата одржуваше строга воена неутралност за време на Студената војна, но во 1995 година склучи договор за партнерство со НАТО.
Откако Русија ја започна војната против соседна Украина на 24 февруари, поддршката за членство во НАТО во Финска значително се зголеми.
Русија постојано повторуваше дека Финска и нејзиниот сосед Шведска не треба да се приклучат на НАТО, нарекувајќи го потегот закана за нејзината безбедност.