АНКАРА
Шведскиот Парламент најверојатно ќе донесе конечна одлука за аплицирање за членство во НАТО во средината на мај, изјави денеска министерката за надворешни работи на земјата, која, исто така, вети посилна безбедносна посветеност на Воената алијанса од 30 земји, доколку Шведска стане членка, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сите политички партии во Парламентот сега расправаат за членство во НАТО, а одлуката се очекува на 13 мај“, изјави Ан Линд на заедничката прес-конференција со нејзиниот фински колега Пека Хависто во Хелсинки, Финска, каде што беше во официјална посета.
„Севкупниот впечаток е дека ако Шведска и Финска аплицираат, тоа ќе биде позитивно прифатено од членките на НАТО, не само затоа што Шведска и Финска тогаш ќе бидат нето-придонесувачи за безбедноста“, рече таа.
Истакнувајќи дека шведско-финските билатерални односи се од голем опсег и дека сегашната блиска соработка на Шведска и Финска никогаш порано не била видена, таа рече дека што и да одлучи Финска за членството во НАТО, ќе има значително влијание и врз Шведска за истото прашање.
На прашањето каква ќе биде реакцијата на Русија доколку Шведска поднесе барање за членство во НАТО, Линд рече дека постојат два наративи: „Eдниот е, се разбира, предупредувања. Од Министерството за надворешни работи [на Русија] беше објавено дека ќе има последици ако аплицираме за членство. Другото е намалување на важноста на НАТО“, додаде таа.
„Ние го следиме ова многу внимателно и подготвени сме да се спротивставиме на сите можни руски активности“, рече таа.
- Членство на Финска
Како одговор на прашањето за членството на Финска во Алијансата, Хависто изјави дека доколку Финска влезе во НАТО, таа ќе биде „нето-придонесувач за безбедноста“.
„Имаме регрутна армија и резерва од 280.000 војници кои треба да се користат во кризна ситуација“, објасни тој, додавајќи дека тие, исто така, инвестираат во нова воена опрема.
Осврнувајќи се на врските со Шведска, Хависто рече дека Шведска е „најважниот билатерален партнер“.
„Ќе биде многу важно Финска и Шведска да можат да донесат одлуки во иста насока и во иста временска рамка, притоа, секако, целосно почитувајќи ја независноста на нашето одлучување“, рече тој.
На прашањето дали Финска и Шведска ќе преземат заеднички мерки за да се спротивстават на потенцијалното руско влијание, тој одговори: „Се разбира, доколку нашите безбедносни средини станат попредизвикувачки, можеме да го додадеме тоа билатерално планирање кое ги вклучува сите сектори за воена соработка, а безбедносната соработка е многу длабока и е подготвена да одговори на многу видови закани.“
Според извештаите на медиумите, Финска и Шведска се договориле заеднички да ги поднесат своите апликации за членство во НАТО во средината на мај.
Двете земји одржуваа строга воена неутралност за време на Студената војна и склучија договор за партнерство со НАТО во 1995 година.
Откако Русија започна војна против соседна Украина, поддршката за членство во НАТО значително се зголеми во двете земји.
Русија во неколку наврати изјави дека Финска и Шведска не треба да влезат во НАТО. Москва ја оправда својата војна против Украина наведувајќи ја можноста земјата да влезе во НАТО, и покрај фактот што процесот за членство неодамна започна.
- За ситуацијата во Украина
Во врска со актуелната безбедносна ситуација во Украина, Хависто изјави дека „најостро ја осудуваат“ руската војна во Украина.
„Руската инвазија е, исто така, напад против целиот европски безбедносен поредок. Тоа е големо кршење на меѓународното право и кршење на Повелбата на Обединетите нации. Русија мора веднаш да ги прекине воените дејствија“, додаде тој.
Истакнувајќи дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, имал состанок во Москва, а потоа тој го посети Киев во четвртокот, тој рече: „Многу сме тажни што среде неговиот состанок, и Киев беше нападнат од руски ракети.“
Најмалку 2.829 цивили се убиени, а 3.182 други се повредени во Украина од почетокот на војната на 24 февруари, според проценките на ОН. Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Досега, 7,7 милиони луѓе во Украина се внатрешно раселени, а повеќе од 5,3 милиони избегаа во други земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.