Mohammed Sameai
18 Септември 2026•Ажурирано: 18 Септември 2026
Денес над јеменскиот главен град Сана беа забележани дронови, поради што Хусите употребија противвоздушно оружје за да ги соборат, изјавија жителите на Јемен за Анадолу.
Жителите рекоа дека забележале како дронови летаат над неколку населби, меѓу кои и Сааван и Ал-Хасаба во североисточниот дел на градот.
Тие додадоа дека противвоздушната стрелба на Хусите предизвикала експлозии, но и страв кај населението.
Во меѓувреме, независната јеменска новинска веб-страница „Белкис“, исто така, објави дека „рано утрово во главниот град Сана се слушнале експлозии, пукотници од противвоздушната одбрана и истрели од огнено оружје“.
Веб-страницата ги пренесе изјавите на жителите што велат дека „звуците од експлозиите и пукотниците не престануваат, предизвикувајќи страв и загриженост кај населението, а причините не се познати“.
Исто така, се цитираа медиуми и профили на социјалните мрежи поврзани со Хусите, според кои нивните „системи за противвоздушна одбрана“ биле активирани за да им се спротивстават на дроновите што масовно летале над Сана.
Хусите не дадоа веднаш коментар за инцидентот.
Инцидентот се случи во услови на обновена воена ескалација во Јемен од јули наваму, најголема во последните неколку години, по период на релативен мир по прекинот на огнот од април 2022 година.
Јемен е во војна откако Хусите ја презедоа контролата врз главниот град Сана и неколку провинции во септември 2014 година, пред коалицијата предводена од Саудиска Арабија да интервенира во март 2015 година како поддршка на меѓународно признатата Влада на Јемен.