İlayda Çakırtekin
18 Септември 2026•Ажурирано: 18 Септември 2026
Италијански авион бил погоден за време на нападите врз воздухопловната база во Саудиска Арабија, соопшти денес италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето, јавува Анадолу.
Крозето истакна дека ја следи ситуацијата во воздухопловната база Та’иф во Саудиска Арабија, „која беше цел на неколку напади и каде што е присутен италијански персонал во рамките на операцијата 'Инхерентна решителност'“, објави новинската агенција АНСА.
Тој потврди дека не е повреден ниеден италијански воен припадник.
„За време на нападот беше погоден италијанскиот авион Ф-2000. Тој се наоѓаше во базата, во оддалечен дел. Нема друга штета на возилата или инфраструктурата што ја користи нашиот персонал“, изјави Крозето.
Тој додаде дека побарал дополнителна процена на ситуацијата што се случува, состојбата на италијанскиот персонал и можните оперативни опции.
Крозето истакна дека бил информиран оти уште пред извесно време биле преземени сите безбедносни мерки за заштита на воениот персонал.
„Ситуацијата се следи со најголемо внимание, со цел да се обезбеди целосна заштита на нашиот персонал и да се постапува со потребната одговорност“, додаде Крозето.
Во последните денови Саудиска Арабија беше соочена со серија ракетни напади и напади со беспилотни летала за кои се обвинуваат Хусите, во услови на зголемени регионални тензии.
Борбите меѓу силите на јеменската Влада и Хусите, исто така, се интензивираа од почетокот на јули.
Со обновените судири заврши периодот на релативен мир што во најголем дел се одржуваше откако во април 2022 година стапи на сила прекинот на огнот постигнат со посредство на Обединетите нации.