Голем број европски лидери денес го поздравија двонеделниот прекин на огнот меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран, оценувајќи го како клучна можност за деескалација, јавува Анадолу.
„Договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран е чекор назад од работ на бездната по неколкунеделна ескалација“, напиша шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, на американската компанија за социјални медиуми Х.
Таа истакна дека прекинот на огнот создава „неопходна шанса за стивнување на заканите, запирање на ракетите, обновување на пловидбата и создавање простор за дипломатија кон траен договор“.
Исто така, таа му се заблагодари на пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар за напорите за посредување.
„Вратата за посредување мора да остане отворена бидејќи основните причини за војната остануваат нерешени. ЕУ е подготвена да ги поддржи тие напори и е во контакт со партнерите во регионот“, додаде Калас.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, го поздрави потегот и му се заблагодари на Пакистан.
„Сега е од клучно значење преговорите за трајно решение на овој конфликт да продолжат. Ќе продолжиме да се координираме со нашите партнери за таа цел“, нагласи таа.
- „Многу добра работа“ -
Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, го поздрави прекинот на огнот како „многу добра работа“.
„Навистина преку преговори може да ги осигуриме безбедносните гаранции неопходни за стабилност во целиот регион“, рече тој пред состанокот на Советот за одбрана. Тој ја повтори потребата од целосно почитување на обврските преземени на терен во деновите што следуваат.
Макрон истакна дека вклучувањето на Либан во прекинот на огнот, исто така, е од суштинско значење, предупредувајќи дека ситуацијата останува критична.
„Хезболах направи стратегиска грешка со нападот врз Израел и вовлекувањето на Либан во регионалната криза. Сепак, она на што сме сведоци денес – и нападите и окупацијата на Јужен Либан од страна на Израел – не може да биде одржлив одговор“, додаде тој.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, го поздрави прекинот на огнот, нагласувајќи дека целта сега е да се преговара за трајно завршување на војната.
„Го поздравувам договорот за прекин на огнот постигнат во текот на ноќта, кој ќе донесе момент на олеснување за регионот и светот. Заедно со нашите партнери мора да сториме сè што може за да го поддржиме и одржиме овој прекин на огнот, да го претвориме во траен договор и повторно да го отвориме Ормускиот Теснец“, наведе британскиот премиер Кир Стармер на американската компанија за социјални медиуми Х.
Медиумите, повикувајќи се на неговиот Кабинет, подоцна објавија дека Стармер ќе отпатува во Персискиот Залив за да се сретне со регионалните лидери и да ја покаже својата поддршка за прекинот на огнот.
„Прекините на огнот секогаш се добра вест. Особено ако водат кон праведен и траен мир. Но ова моментно олеснување не може да нè натера да ги заборавиме хаосот, уништувањето и загубените животи“, напиша шпанскиот премиер Педро Санчез на Х.
„Она што сега е потребно е: дипломатија, меѓународна легалност и мир“, додаде Санчез.
- Поддршка за напорите за ставање крај на војната -
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде рече дека прекинот на огнот ѝ дава шанса на дипломатијата „во момент кога светот стои на раб на опасна ескалација“.
Тој им се заблагодари на Пакистан, Турција и Египет за нивните напори за дијалог.
„Продолжуваме да ги поддржуваме сите напори за завршување на војната и за претворање на овој прекин на огнот во трaјно решение во Ормутскиот Теснец и целиот Блиски Исток“, напиша и финскиот претседател Александар Стаб на американската компанија за социјални медиуми X.
Министерството за надворешни работи на Португалија го нарече прекинот на огнот „одлучувачки прв чекор кон трајно и одржливо дипломатско решение на конфликтот“ и изрази поддршка за дипломатскиот пат.
„Латвија го поздравува договорот за прекин на огнот постигнат од САД и Иран синоќа. Неговото спроведување е клучно за постигнување долготраен мир во регионот“, објави латвиската премиерка Евика Силина на Х.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека се согласил „да ги прекине бомбардирањата и нападите врз Иран во период од две недели“.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој одигра клучна улога во посредувањето на прекинот на огнот, на Х објави дека ги поканил иранските и американските делегации во Исламабад овој петок и изјави дека Вашингтон и Техеран, заедно со нивните сојузници, се согласиле на итен прекин на огнот во сите конфликтни зони, вклучително и Либан.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега загинаа над 1.400 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што има американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата и нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.