Hüseyin Altınalan
26 Октомври 2016•Ажурирај: 27 Октомври 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Хусеин Алтиналан - Главниот уредник на списанието „Парис мач“, Жил Мартин-Шофје изјави дека западните медиуми водат пропаганда против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за да создадат во јавноста недоумица за неговите ставови против терористичката организација ДЕАШ, и додаде дека оваа пропаганда не му штети на Ердоган, туку само покажува дека тој е на вистинскиот пат и дека има волја каква што нема ниту еден друг европски политичар, јавува Anadolu Agency(AA).
Шофје неодамна, за време на телевизиска дебата во Франција предизвика големо внимание во јавноста со критиките кон западните медиуми и официјалните лица поради обвинувањата што ги упатуваат кон Турција, а претседателот на Република Турција, Ердоган, го нарече „турскиот Шарл де Гол“.
Споменатата дискусија предизвика масовна реакција на луѓето на социјалните мрежи, а Шофје во интервју за АА истакна дека најмногу го иритирале обвинувањата на западните медиуми за Ердогановото воспоставување „авторитарна власт“.
„Претседателот Ердоган го гледаат како еден авторитарен политичар, и мислам дека за тоа постојат две причини. Првата е тоа што европскaта политичка гарнитура доаѓа од понизок ранг, и Путин и Ердоган ги сметаат за такви. Генерално е тоа така да го сметате кога сте доминантни и имате посилна волја од останатите. Така што гледате дека популарноста на Ердоган е сè пoголема и добива сè повеќе гласови и поддршка, и сето тоа го остварува во согласност со демократските принципи, со волјата на народот и преку избори. Ова не ѝ одговара на оваа друга страна, бидејќи тоа го претставува исламот и муслиманите. Во главите на европските политичари се неспоиви термините на исламот и демократијата. Не постои нешто што би го нарекувале муслимански демократ. Може да има христијански демократ, но не и муслимански демократ во Турција“, рече Шофје.
Тој понатаму истакна дека Европа го признава само Мустафа Кемал Ататурк како модерен и демократски лидер на Турција, бидејќи тој го донесе секуларизмот во таа земја. Шофје појасни дека Франција и Европа генерално, секуларизмот го ставаат на ниво на светост и дека никогаш не се согласиле со секуларизмот што го застапува турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК партија).
„Во почетокот, Европа му се восхитуваше на Ердоган кога тој дојде на власт и ја укина превласта на војската над државата. Тогаш неговиот имиџ беше добар, но сè се промени кога Франција објави војна против ДЕАШ. Започна темна пропаганда против Ердоган и наметнување на прашањата во јавноста дали Ердоган е на страната на ДЕАШ или против нив. Мислам дека нему таа пропаганда не му штети, туку покажува дека е на вистинскиот пат и е многу успешен. Ердоган има волја каква што нема ниту еден друг европски политичар“, рече Шофје.
Потсетувајќи дека Турција преводена од Ердоган прво е обвинувана за поддршка на ДЕАШ, а сега истите тие кругови се противат на учеството на Турција во операциите против ДЕАШ во Ирак, Шофје рече дека јавноста во Франција сега е изненадена со одлучноста на Турција да го порази ДЕАШ бидејќи досегашните анализи во Франција се вршени врз основа на емоции и пропаганда, а не врз основа на рационално размислување.
„Францускиот народ мисли дека организациите како ПКК се ослободителни и дека играат важна улога во борбата против ДЕАШ. Французите не знаат што претставува ПКК. Не знаат дури ниту што е вистинската цел на Ерменците, па неправедно ја обвинуваат Турција. Вистинскиот проблем на Турција е тоа, и таа се бори против манипулирањето на јавноста“, изјави главниот уредник на списанието „Парис мач“.
Шофје понатаму тврди дека Франција поради незнаење премногу често плаќа за погрешните жртви и изрази уверување дека оваа погрешна перцепција ќе се промени по операцијата во Мосул, бидејќи светот јасно ќе види кој е вистинската жртва и кој ги поддржува жртвите. Тој додаде дека Турција во Европа се смета за држава којашто врши притисок врз малцинствата и дека ги обесправува, но дека таа погрешна перцепција ќе се промени по Мосул.
Осврнувајќи се на неуспешниот јулски обид за државен удар на терористичката организација ФЕТО во Турција, Шофје рече дека цела Европа почна да се прашува како тоа пучистите не успеаја во ударот, кога се знае дека досега во историјата секогаш успевале да го срушат државниот поредок.
Тој рече дека јавноста во Франција не можела да се занимава со обидот за државен удар во Турција бидејќи ден претходно, во Франција се случил масакр во кој загинаа 100 лица, но додава дека генерално изостанала брзата поддршка на Европа на легалната и легитимна власт во Турција во моментите на нападот на пучистите.
„Сигурни сме дека обидот за државен удар е дело на Фетула Ѓулен и неговата организација... Запрепастени сме од сцените на нападот врз турскиот Парламент“, рече Шофје.