Ekipa
27 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Врховниот суд на Република Турција (Јаргитај) донесе одлука за распишување црвена потерница за тројца поранешни обвинители поради злоупотреба на позицијата и овластувањата за време на правосудниот процес „Истрага на 17. декември“, а станува збор за Зекерија Оз, Џелал Кара и Мехмет Јузгеч, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Врховниот суд се води судската постапка против поранешните обвинители кои ги злоупотребија позициите и овластувањата, и по налог на терористичката организација ФЕТО, кон крајот на 2013 година започнаа бран апсења, прислушувања и дискредитација на голем број високи турски официјални лица.
На денешното рочиште во надлежниот оддел на Врховниот суд е утврдено дека обвинетите поранешни обвинители Оз, Кара и Јузгеч и понатаму се во бегство и се недостапни за турските органи на прогонот. Судот нареди да се испрати допис до Интерпол за распишување меѓународна црвена потерница за нив.
Надлежните турски министерства за правда и за внатрешни работи по таа судска одлука ќе испратат барање до Секретаријататот на Интерпол во францускиот град Лион.
Обвинението ги товари тројцата поранешни обвинители Оз, Кара и Јузгеч дека како инфилтрирани поданици на ФЕТО се обиделе да ја попречат работата и да ја срушат легалната Влада на Турција, за што им се закануваат повеќекратни доживотни затворски казни.
Споменатите тројца обвинители се товарат и за низа други тешки кривични дела, како членство во терористичка организација, злоупотреба на позицијата и овластувањата, фалсификување документи, незаконско прислушување, завера и други дела, за коишто им се закануваат дополнителни затворски казни во траење од 17,5 до 72 години.