Abdulbesar Ademi
26 Ноември 2026•Ажурирано: 26 Ноември 2026
Европската Унија (ЕУ) и партнерите од Западен Балкан ја потврдија својата посветеност на перспективата за членство на земјите од регионот во европскиот блок, по завршувањето на самитот што вчера се одржа во Брисел, пренесува Анадолу.
Во завршната декларација, објавена од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, европските лидери истакнаа дека проширувањето претставува стратегиска инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа, повикувајќи ги земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите, особено во областа на владеењето на правото и демократијата.
„Ја повторуваме нашата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ. Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето е реална можност што треба да се искористи“, се наведува во декларацијата.
ЕУ ја истакна и важноста на добрососедските односи, регионалната соработка и спроведувањето на меѓународните договори, меѓу кои и договорите на Северна Македонија, односно Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Сѐ уште се потребни дополнителни и одлучни напори за поттикнување на помирувањето и стабилноста во регионот, како и за изнаоѓање и спроведување конечни, сеопфатни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања на партнерите, вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и утврдените принципи“, се наведува понатаму.
Во однос на дијалогот меѓу Косово и Србија, лидерите ја потврдија поддршката за процесот со посредство на ЕУ, повикувајќи ги двете страни конструктивно да се ангажираат и целосно да ги спроведат постигнатите договори.
„Недостигот од нормализација на односите меѓу Приштина и Белград и понатаму ги попречува двата партнера на нивниот пат кон Европа“, се додава во декларацијата.
Во декларацијата се нагласува и важноста на усогласувањето на надворешната и безбедносната политика на земјите од регионот со политиката на ЕУ, како и зајакнувањето на соработката во областа на безбедноста, одбраната, енергетиката и миграцијата.
Во економскиот дел, ЕУ го оцени како значаен потенцијалот на Планот за раст за Западен Балкан, со кој се предвидуваат до 6 милијарди евра за реформи и инвестиции, покрај 29 милијарди евра предвидени преку Економскиот и инвестицискиот план.
Лидерите ја нагласија и важноста на постепената интеграција на земјите од регионот во единствениот европски пазар, како и подобрувањето на инфраструктурните, дигиталните и енергетските врски.
Вчера во Брисел се одржа самит на високо ниво меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, на кој лидерите на Унијата и на земјите од регионот разменија ставови за напредокот на процесот на европска интеграција, зајакнувањето на регионалната соработка и потребата од забрзување на реформите поврзани со членството во ЕУ.