Berk Kutay Gökmen
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Две жени поднесоа федерална тужба против оставината на Џефри Епстин, тврдејќи дека нивните фотографии се пронајдени во неговата огромна колекција на детска порнографија, објави Ен-би-си њуз, пренесува Анадолу.
Идентификувани во судските документи само како Џејн До и Ејми, жените тврдат дека „неколку од поединците чии фотографии биле во колекцијата на Епстин биле информирани дека фотографиите се во рацете на федерални истражители.
Со тужбата, поднесена во вторникот во јужниот округ на Њујорк, се бара случајот да добие статус на колективна тужба, како и неопределен износ на отштета и бара од судот „да дизајнира и надгледува единствена, координирана програма за идентификување и известување“ на други жени чии „незаконски сексуализирани слики“ биле дел од колекцијата на Епстин.
„Едно од најстрашните, но често занемарени злосторства на Епстин беше неговото поседување, транспортирање, производство и дистрибуција на детска порнографија и/или материјал за сексуална злоупотреба на деца (CSAM) на безброј деца“, се наведува во тужбата.
„Почнувајќи од раните деведестти години до неговата смрт во 2019 година, Епстин, заедно со неговите созаговорници, создадоа и учествуваа во повеќедеценискиот, огромен заговор на материјал за сексуална злоупотреба на деца“, се посочува во неа.
Во тужбата се наведува дека во заклучен сеф Епстин чувал „книга за модели“ со „сексуализирани слики на деца“. Не беа поднесени обвиненија за материјалите против Епстин. Според тужбата, Епстин и неименувани соработници рекле дека сликите „се наменети за развој на детски модели за Викторија сикрет“.
„Оваа тужба ја повикува оставината на Џефри Епстајн на одговорност за кривично дело со кое никогаш не било целосно и соодветно постапено“, изјави Хилари Напи, адвокатка од Адвокати-застапници на жртви - АВК.
Како тужени, во својство на коизвршители на оставината на Епстин, се наведени адвокатот Дарен Индајк и сметководителот Ричард Кан. Нивниот адвокат Даниел Вајнер одби да даде коментар.
Епстин изврши самоубиство во 2019 година, додека го очекуваше судењето под обвинение за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација.