Ikrame Imane Kouachi
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи денес изјави дека одлуките донесени за време на неговата посета на Кина ќе ја обликува идната стратегиска рамнотежа во регионот, јавува Анадолу.
„Денешните одлуки ќе ја одредат идната стратегиска рамнотежа во регионот, со огромни последици“, истакна Аракчи во изјавата по повод неговата официјална посета на Пекинг, која започна вчера.
Аракчи не ги прецизираше природата ниту деталите за одлуките донесени за време на посетата.
Тој ги опиша консултациите на Иран со Кина како „успешни“ и изјави: „Иран ја цени стратегиската партнерска соработка што ја изградивме со текот на времето.“
Иранскиот министер за надворешни работи ја истакна и важноста на „четирите принципи за мир изнесени од (кинескиот претседател) Си“.
Тој рече дека принципите на национален суверенитет, почитување на меѓународното право, балансирање меѓу безбедноста и развојот, како и мирната коегзистенција, се клучни за воспоставување мир и стабилност на Блискиот Исток и во регионот на Персискиот Залив.
Посетата се одвиваше во услови на зголемени тензии меѓу Иран и САД околу Ормускиот Теснец и покрај меморандумот потпишан во јуни, со кој се предвидуваше договор за повторно отворање на овој стратегиски воден пат како вовед во поширок мировен договор.
САД и Израел во февруари извршија напади од големи размери врз Иран, при што цел беа владини згради, воени локации, ракетна инфраструктура и системи за противвоздушна одбрана, што предизвика ирански ракетни напади и напади со беспилотни летала врз Израел и американските бази низ регионот. Оттогаш конфликтот се прошири низ регионот, а продолжуваат дипломатските напори за прекин на непријателствата.