Senita Şeherçehayiç
30 Ноември 2017•Ажурирај: 01 Декември 2017
ВИЕНА (АА) - На земјите од западен Балкан ќе им требаат дури шест децении за да го достигнат нивото на приходите на ЕУ, ако продолжат да растат со просечната брзина остварена меѓу 1995 и 2015, се наведува во извештајот на Светската банка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот „Западен Балкан: забрзување на моторот за раст и просперитет“, кој денес е претставен во Виена, се разгледува како Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и БиХ – шесте земји од западен Балкан – можат да го забрзаат економскиот раст и да остварат побрзо приближување кон нивото на приходите во ЕУ.
„Земјите од Западен Балкан во последните години остварија промени во реформите на јавните финансии и оживување на економскиот раст, но граѓаните можеби сѐ уште не чувствуваат корист од тој напредок“, изјави Линда Ван Гелдер, директорка на Светската банка за земјите од Западен Балкан.
„Фокусирањето на структурните реформи може да го забрза економскиот раст и да ја подобри егзистенцијата, така што нивоата на приходите ќе ги достигнат приходите во ЕУ“.
Реформите и макроекономската стабилност можат да доведат до просечни стапки на раст од 5 отсто годишно, кои би овозможиле земјите од Западен Балкан да се приближат кон ЕУ за само две децении, наместо шест, се наведува во извештајот.
Додека просечниот раст во регионот од пет-шест отсто годишно во периодот пред 2008 година беше побрз и од растот на ЕУ и од светскиот раст, по светската финансиска криза тој се преполови, запирајќи го преткризното темпо на приближување на земјите од западен Балкан до животниот стандард на ЕУ и наметнувајќи потреба да се изнајдат нови модели на раст, засновани на поголема продуктивност и инвестиции, поголем извоз и поголема улога на приватниот сектор.
„Растот во регионот на којшто бевме сведоци во годините пред кризата е доказ за севкупниот економски потенцијал на Западен Балкан“, вели Харалд Вајглин, генерален директор за економска политика, финансиски пазар и царина во Министерството за финансии на Австрија, кој изнесе воведни напомени на денешното објавување на извештајот.
„Сега е клучно да се воспостават приоритети за политиките што можат да ги зајакнат инвестициите во приватниот сектор, да помогнат во продлабочувањето на регионалната интеграција и во создавањето работни места“, додаде тој.
Зголемувањето на извозот, инвестициите и вработувањето – сето тоа, според извештајот, се приоритети за креаторите на економската политика. Посилната регионална интеграција може да помогне да се зголеми извозот како дел од БДП, кој би требал да се удвои за да се достигне уделот на извозот во БДП во другите мали економии во транзиција, кои се сега во ЕУ, а и приватните инвестиции, во земјите каде што јавниот сектор е сѐ уште главен двигател на економијата, исто така, ќе мора да се зголемат. Ниската продуктивност во земјите од Западен Балкан, која полека се зголемува, бара подобрување на деловното опкружување, со цел да се привлечат приватни инвестиции и да се стимулира растот на компаниите, се наведува во соопштението на Светската банка по повод објавениот извештај.
Стапката на невработеност во регионот речиси е двојно поголема во однос на останатите мали економии во транзиција кои сега се во ЕУ.
Кога половина од работоспособното население бара работа, а четвртина од оние што бараат работа не можат да најдат, потребата за зголемување на учеството на пазарот на трудот во регионот останува клучна. Ова може да се постигне со отстранување на дестимулациите за работата, со истовремено елиминирање на бариерите за вработување со коишто се соочуваат постарите работници, младите, жените и малцинствата, според извештајот на СБ.