Adam Abu-bashal
13 Август 2026•Ажурирано: 13 Август 2026
Нигерискиот визуелен уметник Емануел Олатунде ја спојува научната основа со љубовта кон уметноста, создавајќи портрети со бои направени од природна глина.
Олатунде, кој живее во Лагос, наместо традиционални материјали за боење користи природна глина и развил техника преку која глината, освен за скулптура и керамика, ја претвора и во средство за колоритно изразување на платно.
За да добие различни нијанси, уметникот покрај природната глина користи и оксиди што се применуваат во производството на керамика, како и други материјали што овозможуваат бојата да се прилепи на платното.
Олатунде долго време истражувал и експериментирал со подготовката на глинените бои, а со развиениот метод успеал да добие природни бои во различни нијанси.
Интересот на Олатунде за уметноста потекнува од детството, кое го поминал во градот Баучи, во североисточниот дел на Нигерија, далеку од Лагос.
Визуелниот уметник Олатунде за АА изјави дека се заинтересирал за цртање откако го видел својот вујко како црта и почнал да го имитира.
Тој истакна дека мајка му му помогнала кога ја подготвувал својата прва боја од глина.
„Глината што ја користев за мојата прва слика ја измеша мајка ми. Кога го видов резултатот, бев многу среќен. Она што го добив навистина ме маѓепса.“
Олатунде посочи дека ова искуство било почеток на техниката што подоцна ја развил и дека, пренесувајќи ги своите научни истражувања во уметничката работа, создал сопствен метод.
Тој вели дека идејата за создавање природна боја со користење глина се појавила во текот на школувањето, а со текот на времето неговата љубопитност се зголемила. Додаде дека се образовал во областа на уметноста во Баучи.
Раскажувајќи дека видел различни начини на работа со глина, Олатунде истакнува:
„Се прашував дали може да сликам со глина. Подоцна видов дека некој слика со песок и почнав да истражувам дали и глината може да се користи како боја.“
Во текот на истражувањата открил дека бојата на глината може да се менува не само во природни услови, туку и преку оксидација. Така, почнал да користи оксиди што се применуваат во керамиката за да добива различни бои.
Откако експериментите со глина и сврзливи елементи се покажале успешни, уметникот продолжил да ја усовршува техниката, истакнувајќи дека непредвидливите својства на материјалот им даваат посебност на неговите дела.
„Кога ќе се исуши, глината може да се претвори во резултатот што го посакувате. Тоа ми се допаѓа. Не можам да го знам одговорот на сè, единственото што го имам во раце е мојата четка и она што го создавам со неа“, рече Олатунде.
Спојувајќи ја глината, еден од најстарите материјали за уметност и производство во историјата на човештвото, со современи портрети, Олатунде ја користи и долготрајноста на природниот материјал во своите дела.
Уметникот посочи дека неговите дела изработени со глинена боја со текот на времето не пукаат и ја задржуваат бојата, додавајќи дека глината е издржлив материјал што се користи во уметноста од минатото до денес.
„Глината е материјал што секогаш ќе постои. Од минатото до денес има многу уметнички дела направени со глина. И јас ја избрав бидејќи знам дека е траен материјал“, вели Олатунде.
Тој истакна дека има цел да покаже дека природната глина може, со примена на научни методи, да се обработи и претвори во уметнички материјал.
„Сакам да ги инспирирам другите млади луѓе“, порача Олатунде.