Betül Yılmaz
23 Септември 2025•Ажурирај: 24 Септември 2025
РАМАЛА/ИСТАНБУЛ (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас рече дека признавањето на палестинската држава од страна на уште шест земји е „значаен и неопходен чекор“ во постигнувањето праведен и траен мир, пренесува Анадолу.
Во изјавите објавени од државната новинска агенција Вафа, Абас го поздрави официјалното признавање на независната и суверена држава Палестина од страна на Франција, Белгија, Луксембург, Малта, Монако и Андора на конференцијата на Обединетите нации (ОН) за дводржавното решение синоќа.
„Овие признанија претставуваат значаен и неопходен чекор кон постигнувањето праведен и траен мир во согласност со легитимните резолуции на ОН“, рече Абас.
Тој нагласи дека „признавањето на правото на палестинскиот народ на самоопределување, слобода и отелотворување на неговата независност“ ќе го отвори патот за спроведување на дводржавното решението за израелско-палестинскиот конфликт.
Палестинскиот претседател ја нагласи итната потреба од постигнување прекин на огнот во Појасот Газа што ќе овозможи ослободување на израелските заложници и палестинските притвореници и целосно повлекување на израелската армија од енклавата.
Тој ги потврди „сите обврски и реформи преземени од Државата Палестина“ во овој поглед.
Со најновите објави бројот на држави членки на ОН што официјално ја признаваат Палестина како држава се искачи на 159 од вкупно 193.
Од 7 октомври 2023 година Израел врши геноцид во Газа, во кој се убиени над 65.300 Палестинци, повеќето од нив жени и деца. Воената кампања ја опустоши енклавата и доведе до глад.