Riyaz Khaliq Khaliq
26 Ноември 2026•Ажурирано: 26 Ноември 2026
Најмалку седум лица се повредени откако денес избувна пожар по експлозија во голема рафинерија за нафта во Бангкок, главниот град на Тајланд, соопштија властите, јавува Анадолу.
Пожарот е ставен под контрола, но властите и понатаму им препорачуваат на жителите во близина да се евакуираат, како мерка на претпазливост.
Канцеларијата на округот Банг На издаде итно предупредување во 14:48 часот по локално време известувајќи за експлозија во нафтениот комплекс „Бангчак“, во округот Пра Канонг. Во 15:35 часот беше потврдено дека ситуацијата е под контрола, но препораката за евакуација остана на сила.
Претставник на тајландското Министерство за енергетика изјави дека пожарот настанал на опрема во рамките на дестилационата кула, а не во складиштето за нафта, пренесе „Тај ПБС“. Опремата е дел од процесот на производство на нафта.
Според окружната канцеларија, сите производни единици во рафинеријата се исклучени, а „причината за инцидентот е предмет на истрага“.
Центарот за итна медицинска помош во Бангкок (Центар „Ераван“) соопшти дека се повредени седум лица, од кои четворица се во критична состојба.
Густ црн чад се издигна над објектот, а пожарникари и спасувачки екипи беа испратени на терен за да го стават пожарот под контрола и да спречат негово ширење кон околните населби.
Заменик-министерот за внатрешни работи Џесет Тајсет нареди Одделот за превенција и ублажување на катастрофи да мобилизира дополнителни противпожарни ресурси, вклучително и возила за гасење пожар со пена, како и хеликоптер опремен со хемиски средства за гасење пожар.
Министерот, исто така, побара координација со Одделот за контрола на загадувањето, со цел следење на загадувачките материи во воздухот во околните области.
Возачите беа повикани да ги избегнуваат патиштата што ги користат возилата на итните служби.
Нафтениот комплекс, со кој управува тајландскиот енергетски конгломерат „Бангчак Корпорејшн“, има инсталиран капацитет од 120.000 барели дневно, што претставува речиси 41% од вкупниот капацитет за преработка на нафта на оваа групација.