Ekip
04 Декември 2022•Ажурирај: 05 Декември 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Отсуството на државната полиција за морал на улиците на Техеран и во другите големи градови во Иран во последните месеци поттикна шпекулации за распуштање на тие сили, известува Агенција Анадолија (АА).
Иранскиот државен обвинител Мохамед Џафар Монтазери синоќа изјави дека силите се суспендирани „од истото место каде се и формирани“.
Тој нагласи дека полицијата за морал нема никакви врски со правосудството во земјата, но дека правосудството продолжува да го следи однесувањето на ниво на заедницата.
Изјавата на Монтазери е одговор на прашањето зошто е затворена полицијата за морал, која е вмешана во контроверзната смрт на 22-годишната Махса Амини во септември.
Иранските официјални лица, вклучувајќи го и претседателот Ебрахим Раиси, во повеќе наврати ги отфрлаа повиците за распуштање на силите за морал, а изјавата на Монтазери сугерира дека овие сили хибернираат по инцидентот во септември по кој следуваа протести низ земјата.
Амини, која по потекло е од западен Иран, почина откако полицијата за морал ја приведе пред метро станицата во Техеран кон средината на септември, по што следуваше соопштение дека на Амини ѝ се слошило и била пренесена во болница. Емини починала во болница на 16 септември.
Трагичниот инцидент ги разгневи луѓето во земјата и веднаш предизвика протести во нејзиниот роден град, што подоцна се проширија и во другите делови на земјата, заживувајќи ја долгогодишната дебата за полицијата за морал и задолжителниот кодекс на облекување.
САД и ЕУ последните месеци воведоа низа санкции кон иранските официјални лица и владини субјекти, вклучувајќи ја и полицијата за морал.
Претходно иранскиот државен обвинител Монтазери изјави дека Парламентот, правосудството и високото тело за култура го разгледуваат прашањето за задолжително носење хиџаб и дека резултатите ќе бидат објавени за две недели. Според неговите зборови, се работи забрзано на тоа прашање за да се изнајде мудро решение.
Владата, претседателот и Парламентот на Иран треба да одржат посебна седница на која ќе разговараат за ситуацијата во земјата.