Aida Cako
02 Октомври 2025•Ажурирај: 03 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - Десетици пропалестински активисти утринава ги блокираа фабриката и седиштето на компанијата „Талес“ во Женевилије, близу Париз, во знак на протест по нападот на израелската армија врз Глобалната флотила „Сумуд“ и ја осудија продажбата на воена опрема на Израел, јавува Анадолу.
Блокадата предизвика сообраќаен метеж и прекини на излезот од автопатот А86.
Израелските поморски сили ја нападнаа Глобалната хуманитарна флотила што се упати кон опколениот Појас Газа и приведоа 317 активисти на бродовите, соопштија организаторите денес.
Активистите на бродовите нападнати од Израел се од различни националности, меѓу кои има Шпанци, Италијанци, Бразилци, Турци, Грци, Американци, Германци, Швеѓани, Британци, Французи и многу други.
Израелското Министерство за надворешни работи на платформата на американската компанија за социјални медиуми X соопшти дека приведените активисти се на пат кон израелското пристаниште Ашдод, од каде што ќе бидат депортирани во Европа.
Официјалниот систем за следење на флотилата покажа дека 21 брод биле нападнати од израелските сили, а 23 се на пат кон Газа.