Zuhal Demirci
28 Октомври 2024•Ажурирај: 31 Октомври 2024
ЛОНДОН (АА)
Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами телефонски разговараше со израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац и иранскиот министер за надворешни работи Абас Еракчи, известува Анадолу.
Во својата објава на социјалната мрежа X, министерот Лами наведе дека имал важни состаноци со неговите израелски и ирански колеги.
Посочувајќи дека неговата земја ќе продолжи да врши притисок за намалување на тензиите и завршување на конфликтите во Либан и Газа, шефот на британската дипломатија истакна:
„Регионална војна би била катастрофа и не е во ничиј интерес.“
- Израелски напади врз Појасот Газа
Непочитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел продолжува со брутални напади врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година.
Оттогаш Израел уби речиси 43.000 Палестинци, главно жени и деца, и повреди над 100.000.
Израелската офанзива го расели речиси целото население на Појасот Газа, а тековната блокада доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите напади врз Појасот Газа.
- Израелски напади врз Либан
Израел во септември започна голема воздушна кампања во Либан, против, како што тврди, локации на Хезболах, што претставува ескалација на едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на бруталната израелска офанзива на Појасот Газа.
Израел го прошири конфликтот оваа година и изврши копнен упад во јужен Либан на 1 октомври.
Билансот на убиени во тековните воздушни напади на Израел врз Либан достигна 2.653.