Meryem Göktaş
09 Јануари 2018•Ажурирај: 09 Јануари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) остануваат посветени во поддржувањето на територијалниот интегритет на Сирија и на обединета Сирија, истакна висок официјален претставник на Стејт департментот, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалниот претставник, кој зборуваше под услов за анонимност, одговараше на прашањата на АА во врска со медиумските извештаи во кои се вели дека северните делови на Сирија, под контрола на СДС (Слободни демократски сили), група во која доминира терористичката организација ПКК/ПЈД, ќе бидат признаени како независен регион од страна на САД.
„Ние го поддржуваме територијалниот интегритет на Сирија и ја поддржуваме обединета и демократска Сирија, во која правата на сите групи се заштитени. За иднината на Сирија ќе одлучат Сиријците во согласност со политичката транзиција и изборниот процес зацртани во Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН“, истакна официјалниот претставник, осврнувајќи се на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која ја потврдува сувереноста на Сирија.
„Би ги повикале сите сириски страни да работат заедно на начин што е во согласност со Резолуцијата 2254, со цел да се унапреди политичкиот процес предводен од ОН“.
Во соопштението до АА, американското Министерство за одбрана нагласи дека коалицијата предводена од САД ќе продолжи.
„Сирискиот режим продолжува да докажува дека е неспособен да ги запре терористите на ДЕАШ да ја користат Сирија како засолниште и да планира напади против САД“, се вели во соопштението, во кое се додава дека коалицијата ќе продолжи со своите операции со оглед на тоа што сирискиот режим не е во можност да го порази ДЕАШ.