Michael Gabriel Hernandez
23 Септември 2025•Ажурирај: 23 Септември 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес упати остри критики кон Обединетите нации (ОН) велејќи им на светските лидери дека меѓународното тело не успева да го реализира својот потенцијал и ја олеснува недокументираната миграција додека спроведува „глобалистичка“ агенда, јавува Анадолу.
Трамп се пожали на она што го нарече недостиг на помош од страна на ОН додека посредувал во донесувањето резолуции за седум конфликти, вклучително и меѓу Азербејџан и Ерменија, Камбоџа и Тајланд и Израел и Иран.
„Ниеден претседател или премиер, а всушност и ниедна друга земја не направила ништо приближно на тоа, а јас го направив тоа за само седум месеци. Никогаш претходно не се има случено“, рече тој во седиштето на ОН во Њујорк.
„Никогаш немало нешто слично, многу ми е чест што го направив тоа. Штета што морав јас да ги правам овие работи наместо да ги прават Обединетите нации. И, за жал, во сите случаи, Обединетите нации дури и не се обидоа да помогнат во ниту еден од нив“, додаде тој.
ОН, рече Трамп, „има толку огромен, огромен потенцијал, но во најголем дел не се ни приближуваат до реализирањето на тој потенцијал“. Тој ги обвини ОН дека не само што не успеваат да ги решат споровите туку „всушност, создаваат нови проблеми што ние треба да ги решиме“.
„Најдобар пример е политичкото прашање број еден на нашето време, кризата со неконтролираната миграција. Таа е неконтролирана. Вашите земји се уништуваат“, им рече тој на лидерите. „Обединетите нации финансираат напад врз западните земји и нивните граници.“