По долготрајното медицинско лекување во Египет, постариот Палестинец Махмуд Фуад ал-Дахшан се врати во Појасот Газа со надеж дека повторно ќе може да оди со помош на протеза, која требаше да го замени стапалото изгубено за време на израелскиот геноцид во енклавата, јавува Анадолу.
Но тие надежи беа уништени кога израелските војници му ја одзедоа протезата. Подоцна Турската полумесечина му даде нова надеж дека сепак ќе може да оди.
Ал-Дахшан (64) беше повреден на почетокот на ноември 2023 година, кога во израелско бомбардирање е погоден неговиот семеен дом во населбата Зеитун во градот Газа.
Во разговор за Анадолу тој раскажа дека израелските војници му дале избор додека се враќал од Египет во мај: да се откаже од протезата или од инвалидската количка на која се потпирал. Тој ја избрал количката и се вратил во Газа без протезата.
„Израелската армија самоволно ми ја одзеде протезата, без да наведе причина или да објасни зошто таа претставува закана за нив“, рече тој.
- Повреди што го менуваат животот -
Повредите на Ал-Дахшан биле толку тешки што лекарите морале да му го ампутираат левото стапало. Недостигот од медицинска опрема и материјали, дополнително влошен од израелската блокада, ги спречил лекарите да му го пружат потребниот третман.
Оттогаш тој речиси три години живее со последиците. Во тој период патувал во Египет на лекување, каде што му била поставена протеза за барем делумно да се надомести изгубеното стапало.
За Ал-Дахшан протезата била повеќе од медицинско помагало. Таа му нудела можност да ја врати мобилноста и да ја намали зависноста од другите. Но таа надеж исчезнала кога бил принуден да ја остави протезата при враќањето во Газа.
Тој додаде дека ѝ била одземена протезата и на една повредена жена што патувала со него и дека таа никогаш не ѝ била вратена, „па таа влезе во Газа онака како што и излезе од неа“.
- Ново патување полно со надеж -
Во Центарот за протетика и ортотика во рамките на Општина Газа, Ал-Дахшан започна ново патување за да го врати она што го изгуби, овој пат со поддршка од Турската црвена полумесечина.
Додека техничарите земаа мерки за изработка на нова протеза, Ал-Дахшан се држеше до едноставната, но многу значајната надеж: повторно да застане на нозе, да оди без инвалидска количка и да врати дел од независноста што ја изгуби поради повредите.
„Дојдов со надеж дека овде ќе добијам нова протеза како замена за онаа што ми ја одзеде (израелската) окупацијата и дека ќе започнам нов процес на лекување што ќе ми помогне да одам и да се движам без потреба од инвалидска количка“, рече тој.
Ал-Дахшан ѝ се заблагодари на Турската црвена полумесечина за поддршката на проектот, кој обезбедува протези за повредените и лицата со ампутирани екстремитети во Појасот Газа.
„Упатувам огромна благодарност до браќата од Турската црвена полумесечина што придонесоа за поддршка на овој проект за помош на ранетите во Појасот Газа и го молам Алах да ги награди со добро“, рече тој.
- Проект во две фази -
Саади Дабур, директор на канцеларијата на Турската црвена полумесечина во Газа, за Анадолу изјави дека цел на проектот е првенствено „да им се помогне на луѓето што изгубиле екстремитети да ја вратат мобилноста и да ги извршуваат своите секојдневни активности“.
Дабур наведе дека во текот на август и септември биле поставени протези на 10 повредени лица, а втората фаза, која опфаќа уште 10 случаи, треба да започне следниот месец.
Сепак, поставувањето протеза е само дел од предизвикот. Дабур истакна дека проектот се соочува со „сериозен недостиг на суровини и неопходни компоненти потребни за производство на протези во Појасот Газа“.
Тој го опиша недостигот како „голема пречка“ за илјадници лица со ампутирани екстремитети на кои им се потребни рехабилитација и протетски услуги, во време кога побарувачката за таква грижа постојано расте.
За да се помогне во задоволувањето на дел од овие потреби, Центарот за протетика и ортотика во Газа стапи во партнерство со Турската полумесечина во хуманитарен проект, чија цел е да им се помогне на лицата со ампутирани екстремитети да ја вратат мобилноста и на секојдневниот живот.
- Повеќе од 6.000 ампутации -
Пациентите поддржани од проектот претставуваат само мал дел од пошироката општа криза со која се соочуваат лицата со ампутирани екстремитети во Газа.
Хусни Мухана, директор за односи со јавноста во Центарот за протетика и ортотика при Општина Газа, изјави дека центарот продолжил да обезбедува услуги за повредените и за лицата со ампутации уште од почетокот на војната и покрај тешките услови во Појасот Газа.
Мухана за Анадолу изјави дека во текот на војната, во системот „Сехати“ – кој е под надлежност на палестинското Министерство за здравство и Меѓународниот комитет на Црвениот крст – биле евидентирани повеќе од 6.000 ампутации.
Тој додаде дека центарот се соочува и со недостиг на суровини потребни за изработка на протези и за обезбедување услуги, поради ограничувањата за внесување материјали во Газа, вклучително и гипс и други неопходни материјали.
„Предизвиците се големи поради блокадата и недостигот на опрема, но персоналот на центарот продолжува да работи со огромни напори за да им помогне на колку што е можно повеќе повредени лица и лица со ампутации“, рече Мухана.
Тој наведе дека со партнерството ќе се поддржат околу 20 лица со ампутации преку обезбедување соодветни протези во две фази.
- Од шаторот до улиците -
Во друг дел од центарот младиот Удај Абу Варда беше на физикална терапија и вежби за одење со протеза, која му била поставена за време на првата фаза од проектот.
За Удај протезата е повеќе од средство за движење; таа „стана линија на раздвојување меѓу две фази од мојот живот“.
Тој за Анадолу раскажа дека ногата му била ампутирана на 10 октомври 2023 година, по израелското бомбардирање во првите денови од војната, кога во Газа недостасувале опрема и медицински капацитети за обезбедување услуги поврзани со протези.
Абу Варда не можел да води нормален живот сè додека не добил помош преку проектот за протетика.
„Благодарение на Бога, а потоа и на напорите на Турската црвена полумесечина, која ми ја обезбеди оваа протеза, се вратив во живот и сега извршувам многу од секојдневните активности“, рече тој. „Откако ми ја поставија протезата, почувствував големо подобрување во работата и активностите... Сега може да излезам и да шетам со пријателите, а претходно постојано бев принуден да седам во шаторот“, додаде тој.
Од 8 октомври 2023 година геноцидната војна на Израел во Газа ги однесе животите на над 74.000 Палестинци, беа повредени повредени 175.000, а 90% од инфраструктурата на енклавата се уништени.