Emre Karaca
13 Јули 2019•Ажурирај: 15 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Во веста што ја сподели „Волстрит џурнал“ (The Wall Street Journal) се вели дека американската Федерална трговска комисија, врз основа на истрагата што ја започна минатата година во врска со неовластеното и несоодветното користење на личните податоци од страна на социјалната мрежа „Фејсбук“ (Facebook), на оваа компанија ѝ одреди казна од 5 милијарди долари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пресудата е донесена со 3 гласа „за“ и 2 гласа „против“.
Во веста се истакнува дека за официјализирање на казната, потребно е одобрување и од страна на Министерството за правда.
„Фејсбук“ не даде никаква изјава на оваа тема.
Се истакнува дека оваа казна претставува највисока казна што ѝ е одредена на една технолошка компанија, оставајќи ја зад себе казната од 22 милиони долари за компанијата „Гугл“ (Google) во 2012 година.
Минатата година „Фејсбук“ оствари приход од 56 милијарди долари, а оваа година се очекува приход од околу 69 милијарди.
- Скандалот со податоци на „Кембриџ аналитика“
Една од најдебатираните теми на денешницата е прашањето за „безбедноста на податоци“, кое излезе на виделина со скандалот што го направи „Кембриџ аналитика“ (Cambridge Analytica).
Александар Коган, истражувач од Универзитетот „Кембриџ“, користејќи ја апликацијата на „Фејсбук“, „this is your digital life“ за личен тест, ги зачувал податоците на 87 милиони корисници на оваа социјална мрежа, а во 2016 година овие податоци ги продал на компанијата „Кембриџ аналитика“, која покажува активности на политички советник. Британскиот „Канал 4“ (Channel 4) го обелодени скандалот на компанијата „Кембриџ аналитика“, која податоците што ги поседувала, ги користела за победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
По обелоденувањето на аферата, извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, даде изјава пред американскиот Сенат. Заедно со оваа голема криза на податоци, и големите технолошки компании од Европа и Америка беа принудени одново да ги преиспитаат своите политики на податоци.