Melike Pala
07 Август 2025•Ажурирај: 07 Август 2025
Израел користел бомби произведени во Соединетите Американски Држави (САД) врз училиштата во Газа во кои се сместени раселените цивили, соопшти денес „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ), повикувајќи на прекин на трансферот на оружје за Израел, јавува Анадолу.
Во извештајот, ХРВ наведува дека израелските сили извршиле „незаконски неселективни напади“ врз цивилните засолништа користејќи муниција обезбедена од САД, како бомбите „GBU-39“ произведени од „Боинг“. Групата за човекови права документирала смртоносни напади врз две училишта управувани од Обединетите нации (ОН) во Деир ал-Балах и градот Газа, во кои се убиени најмалку 49 лица, претежно жени и деца.
ХРВ наведува дека не пронашла докази за воени позиции ниту во женското училиште „Хатиџа“ (27 јули) ниту во училиштето „Ал-Зејтун Ц“ (21 септември 2024 година), врз основа на сателитски снимки, видеа и изјави на сведоци. Израелските власти не одговориле на барањето на ХРВ за детали за наменетите цели или преземените мерки на претпазливост.
„Израелските напади врз училиштата во кои се сместени раселените семејства даваат увид во широко распространетиот масакр што го извршија израелските сили во Газа“, рече Гери Симпсон, помошник-директор во ХРВ, повикувајќи ги владите, меѓу кои и на САД, да ја прекинат воената поддршка.
„Обезбедувањето оружје од страна на американската Влада за Израел, кое континуирано се користи во нападите врз училиштата претворени во засолништа и за извршување очигледни воени злосторства, ги прави САД соучесници во нивната незаконска употреба“, се вели во извештајот.
Организацијата, исто така, цитираше податоци од ОН кои покажуваат дека во периодот од 1 до 10 јули, израелските сили извршиле напади на најмалку 10 училишта претворени во засолништа, убивајќи 59 лица и повторно раселувајќи десетици семејства. Речиси 97 % од училиштата во Газа се оштетени или уништени од октомври 2023 година, се додава.
ХРВ нагласи дека нападите врз училишта без јасно присутни воени позиции го кршат меѓународното право и може да претставуваат воени злосторства. Исто така, ја критикуваше пријавената употреба на „двојни напади“ насочени кон спасувачките служби кои пристигнуваат на местото на нападите.
Израел тврди дека оперативците на Хамас ги користеле училишните комплекси за командни центри, но објави докази само за неколку случаи, соопшти ХРВ.
Израел уби повеќе од 61.100 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата и ја доведе до работ на глад.