İdris Okuducu
05 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
ИСТАНБУЛ (AA) – Меѓународната организација за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch - HRW) изрази стравување дека уапсените терористи на ДЕАШ од Сирија може да бидат погубени без судско процесуирање, пренесува Anadolu Agency (AA).
Организацијата објави извештај во кој се потенцира дека терористичката организација ПКК/ПЈД минатата недела на ирачките власти им предала најмалку 280 заробени терористи на ДЕАШ. Мнозинството од нив се странци, вклучувајќи и 13 француски државјани.
Ирачкиот претседател Берхем Салих претходно изјави дека терористите на ДЕАШ по нивното преземање од Сирија ќе бидат процесуирани според ирачките закони и меѓународните стандарди.
Меѓутоа, од „Хјуман рајтс воч“ изразуваат стравување дека може да продолжи веќе докажаната практика на злоставување и тортура над терористите во затворите.
Оттаму, исто така истакнуваат дека во секој случај се противат на смртната казна, но дека се свесни дека на терористите во Ирак им се заканува таква казна и дека постојат основани сомненија дека судските процеси ќе бидат со големи пропусти.
Во извештајот се наведува дека порано, судењата на некои терористи на ДЕАШ во Судот во Багдад траеле помалку од 5 минути и дека им се изрекувани смртни казни. Се наведува и тоа дека во толку краток временски рок е невозможно да се спроведе исправно судење.