Esin Eşkinat Sayılgan
06 Декември 2021•Ажурирај: 07 Декември 2021
ЊУЈОРК (АА) - Моќните соработници и роднини на сирискиот диктатор Башар ал Асад ја претворија земјата во „нова нарко-држава на Медитеранот“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Њујорк тајмс“ објави дека нелегалната нарко индустрија „изградена врз пепелта на 10-годишната граѓанска војна“ прераснала во операција од повеќе милијарди долари, засенувајќи го легалниот извоз на Сирија.
Според веста, нејзиниот главен производ е каптагон, нелегален амфетамин кој предизвикува зависност, популарен во Саудиска Арабија и други арапски држави.
„Oперациите [на нарко индустријата] се протегаат низ цела Сирија, вклучително и работилници за производство на таблетите, фабриките за амбалажа каде што се сокриваат за извоз и шверцерски мрежи за нивно префрлање на пазарите во странство“, се вели во веста.
Весникот објави дека нивната истрага се заснова на „информации од службеници за спроведување на законот во 10 земји и десетици интервјуа со меѓународни и регионални експерти за дрога, Сиријци со познавање на трговијата со дрога и сегашни и поранешни функционери на САД“.
„Њујорк тајмс“ тврди дека според нивната истрага, голем дел од производството и дистрибуцијата е надгледувана од 4. Оклопна дивизија на сириската армија, елитна единица со која командува Махер ал Асад, помладиот брат на Асад.
„Меѓу главните играчи се и бизнисмени со блиски врски со владата, либанската милитантна група Хезболах и други членови на поширокото семејство на претседателот, чие презиме обезбедува заштита за незаконските активности“, наведува весникот.
„Трговијата со дрога се појави во урнатините од децениската војна, која ја уништи економијата на Сирија, го доведе најголемиот дел од нејзиниот народ до сиромаштија и ги остави членовите на сириската воена, политичка и бизнис елита да бараат нови начини да заработат сигурна валута и да ги одбегнат американските економски санкции“, додава весникот.
Стотици милиони таблети кои беа запленети во последните години во Грција, Италија, Саудиска Арабија и на други места главно потекнуваат од пристаниште контролирано од владата на Сирија, посочува „Њујорк тајмс“.
Истакнувајќи дека властите во Италија минатата година пронашле 84 милиони таблети скриени во ролни хартија и метални запчаници, додека Малезијците во март откриле 94 милиони таблети запечатени во гумените тркала на колички, весникот објави цитирајќи експерти за наркотици дека овие заплени можеби претставуваат само мал дел од дрогата која е испорачана.
„Над 250 милиони таблети каптагон се запленети низ целиот свет досега оваа година, 18 пати повеќе од количеството запленето пред само четири години“, се вели во веста.
Повикувајќи се на регионални безбедносни експерти, „Њујорк тајмс“, исто така, истакнува дека главната пречка во борбата против трговијата со дрога е тоа што ја има поддршката од „држава која нема големи причини да помогне за нејзино прекинување“.
„Идејата да се побара од сириската влада соработка е едноставно апсурдна“, објави „Њујорк тајмс“ цитирајќи го Џоел Рејбурн, специјален пратеник на САД за Сирија за време на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Буквално сириската влада е таа што ја извезува дрогата. Не дека се вртат на другата страна додека нарко картелите ја вршат својата работа. Тие се нарко картелот“.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.