İdris Sülün
06 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Соборената лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чу, е осудена на 4 години затвор за првото од низата обвиненија кои се поднесени против неа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), соборената лидерка е прогласена за виновна за поттикнување на народот на бунт и кршење на правилата за новиот тип на коронавирус (Ковид-19).
На Су Чу, која ги негираше сите обвиненија, ѝ се суди по 11 различни обвиненија.
Останува нејасно дали Су Чу, која е во домашен притвор, ќе биде префрлена во затвор.
По истите обвиненија, на 4 години затвор е осуден и поранешниот претседател на Мјанмар, Вин Минт.
- Воен удар во Мјанмар -
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Како резултат на вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар врз демонстрантите против пучот, досега 902 цивили го загубија животот, а илјадници се приведени.
Во меѓувреме, според Организацијата за помош на политички затвореници (AAPP), од пучот во земјата животот го загубиле 1.200 луѓе, а приведени се околу 10 илјади.
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.