Qays Abu Samra,Gülşen Topçu
02 Ноември 2016•Ажурирај: 03 Ноември 2016
РАМАЛА (АА) - По повод 99-годишнината од усвојувањето на Балфоровата декларација, Палестинската ослободителна организација (ПЛО) бараше од Велика Британија да се откаже од Декларацијата и да ја прогласи палестинската држава за независна, јавува Anadolu Agency (AA).
Судирот меѓу Израел и Палестина датира од 1917 година, кога британската Влада во Декларацијата ја прогласи Палестина за „национален дом на Евреите“.
ПЛО, по повод одбележување на 99-годишнината од усвојувањето на Декларацијата, бараше и да се вложат сериозни напори за бегалците да се вратат во својата татковина.
Претседателот на Канцеларијата за работи со мигрантите на ПЛО, Зекерија ел-Ага смета дека Декларацијата е неважечка и дека не е правно утврдена бидејќи Палестинците се избркани, а нивната територија им е ветена на странците.
Ага смета дека Балфоровото „давање територија без народ на народот без територија“ е всушност „ветување на оние што не се сопственици, некому што тоа не го заслужува“.
Во времето на креирањето на декларацијата, тогашниот британски министер за надворешни работи, Артур Џејмс Балфор му испратил писмо на лорд Волтер Ротшилд, водачот на еврејската заедница во Англија, во кое истакнал дека британската Влада го поддржува предлогот за создавање на еврејска држава во Палестина. Условот бил постапката да не делува негативно на населението што е веќе населено во Палестина.
Декларацијата требало да ја охрабри еврејската дијаспора во САД, за која Велика Британија сметала дека е силна и влијателна заедница.
Покрај тоа, таа ги постави темелите на британскиот протекторат на територијата на Палестина која беше призната од Лигата на народите во 1922 година.
По Балфоровата декларација, во периодот од 1920 до 1940 година, миграциите на Евреите кон Палестина се интензивирани. Миграциите се зголемени и по геноцидот над Евреите во Европа, за време на Втората светска војна.
Државата Израел е прогласена во 1948 година, а Палестинците ја нарекоа Некбе (Голема катастрофа).