Ekipa
09 Јули 2017•Ажурирај: 09 Јули 2017
КАИРО (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас за време на вчерашната официјална посета на Каиро се состана со шефот на египетската дипломатија Самих Шукри и генералниот секретар на Арапската лига Ахмед Геито, јавува Anadolu Agency (AA).
Од кабинетот на палестинскиот претседател се соопштува дека за време на состанокот со Шукри во Каиро, Абас разговарал за обновување на блискоисточниот мировен процес и интензивирање на билатералните односи меѓу Палестина и Египет.
Абас го осуди завчерашиот терористички напад во Синај во кој се убиени 25 египетски војници, и порача дека соседна Палестина се солидализира со Египет.
Тој се заблагодари на властите на Египет што на меѓународен план лобираат во корист на палестинското прашање и основање на независна палестинска држава на границите од 1967 година, со Ерусалим како главен град.
Министерот за надворешни работи на Египет, Шукри, во таа пригода изјави дека официјален Каиро ќе продолжи да ги поддржува сите процеси во правец на заштитата на правата и слободите на Палестинците.
Тој додаде дека преку дипломатски канали се обидува да го увери Израел дека обновата на мировните преговори е единствен можен начин за воспоставување траен мир и стабилност во регионот.
Паралелно со тоа, канцеларијата на генералниот секретар на Арапската лига соопшти дека на состанокот со палестинскиот лидер Абас е разговарано и за иницијативата за обновување на палестинско-израелските мировни преговори.