Afra Aksoy
02 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека е време Владата на Велика Британија да направи конкретни чекори, во согласност со меѓународното право и договори, со кои ќе се стави крај на израелската окупација, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод 100-годишнината од усвојувањето на Балфоровата декларација, Махмуд Абас напиша статија за британскиот весник „Guardian“ (Гардијан), објавена под наслов „Балфоровата декларација не е причина за славење“.
„Потпишувањето на декларацијата остана во минатото и тоа е една непроменлива состојба, но мора да се поправи. Потребно е да се направат конкретни чекори за да се поправи оваа грешка“, рече Абас.
Зборувајќи за политиката на Велика Британија, која се залага за доселување на Евреите во Палестина, Абас порача дека ова е дополнителна причина за тензиите меѓу еврејските доселеници и локалните Палестинци.
„Британската Влада треба да ја искористи оваа можност, на 100-годишнината од усвојувањето на Балфоровата декларација, да ја исправи историската грешка направена на сметка на палестинскиот народ“, рече Абас.
Тој, исто така, потсети дека во 1948 година, ционистичките милитанти насилно протераа околу половина милион луѓе од земјата, мажи, жени, млади и стари.
„Кога бевме протерани од нашата територија во градот Сафе, имав 13 години. Додека Израел го слави формирањето на државата, Палестинците се сеќаваат на најцрните денови во својата историја“, напиша Абас, додавајќи дека Балфоровата декларација е настан што никогаш нема да се заборави.
Тој истакна дека денес околу 12 милиони Палестинци живеат во различни делови од светот и додаде дека „особено Балфоровата декларација не е причина за прослава, ако се земе предвид дека едната страна сѐ уште страда и се соочува со проблеми“.
„Израел и пријателите на оваа земја треба да разберат оти дури и ако дводржавното решение целосно пропадне, палестинскиот народ овде е вечен“, истакна Абас.
„Палестинскиот народ ќе продолжи да вложува напори за враќање на своите права, а тоа ќе го стори преку борбата за дводржавно решение, односно за еднакви права на сите што живеат во Палестина, изјави Абас.
Оваа година, поточно на 2 ноември, се одбележува 100-годишнината од Балфоровата декларација, која значително влијаеше врз настаните на Блискиот Исток.
Велика Британија е првата голема земја што отворено го поддржа проектот којшто предвидуваше формирање на израелска држава на палестинска територија.
Британскиот министер за надворешни работи, Артур Џејмс, до лорд Валтер Ротшилд, лидер на еврејската заедница во Англија, тогаш упати писмо во коешто истакна дека британската Влада го поддржува предлогот за создавање еврејска држава во Палестина. Условот беше овој чин да не влијае негативно на популацијата што веќе живее во Палестина.
Оваа декларација ги постави темелите на британски протекторат на територијата на Палестина, кој беше признаен од страна на Лигата на народите во 1922 година, но исто така ги постави и темелите на израелската држава.
По Балфоровата декларација, во периодот од 1920 до 1940 година, миграцијата на Евреите во Палестина се интензивира. Миграцијата беше интензивирана и по геноцидот на Евреите во Европа, за време на Втората светска војна.
Државата Израел е прогласена во 1948 година, настан што Палестинците го нарекоа „Накба“ (Голема катастрофа). Вооружените ционистички групи тогаш протераа 957.000 Палестинци, кои и денес се бегалци, како најголеми жртви на Балфоровата декларација и на процесот што таа го започна.
Големата катастрофа на Палестинците никогаш не престана, бидејќи повеќето од нив веќе 69 години живеат во непогодни бегалски кампови низ Блискиот Исток.