Esat Fırat
28 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас остро го критикуваше американскиот проект за решавање на блискоисточната криза под називот „Договор на векот“ и економската конференција која наредниот месец ќе биде одржана во бахреинскиот град Манама, пренесува Anadolu Agency (AA).
Палестинската новинска агенција ВАФА (WAFA) јавува дека Абас, во чест на донаторите на Фондацијата која го носи неговото име, организирал прием во претседателската палата во Рамала.
Тој, во обраќањето пред присутните официјални претставници, изјави дека палестинското прашање во основа не е од економски, туку од политички карактер и најави дека решението првенствено треба да се бара со политички средства.
„Преземени се одредени чекори кон основање на независна, суверена палестинска држава со Ерусалим како нејзин главен град. Напредуваме чекор по чекор“, изјави Абас.
Тој најостро го критикуваше планот за решавање на блискоисточната криза која американскиот претседател Доналд Трамп ја најавува како „Договор на векот“. Наскоро се очекува тој план да биде објавен во јавноста, а поддршка веќе му дадоа Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Египет.
Абас ја критикуваше и економската конференција која наредниот месец со американска поддршка ќе биде одржана во Бахреин.
„Планот или срамот на векот, како и економската конференција која ја планираат за наредниот месец, ќе заврши во пеколот“, изјави Абас.
Тој порача дека Палестина нема да ги прифати заклучоците на конференцијата во Бахреин, бидејќи зад неа стојат оние кои на Палестинците им продаваат само чиста фантазија.
„Не ни треба нивна поддршка. Способни сме сами со децата на палестинскиот народ да изградиме модерна држава“, изјави Абас.