ИСТАНБУЛ (АА) – АИШЕ ХУМЕЈРА БУЛОВАЛИ – АХМЕД ЕСАД ШАНИ –
Американската пејачка Дела Мајлс, која во Турција се запозна со исламот и го прифати како нејзина религија, говореше зошто одлучила токму исламот да биде нејзиниот избор.
Мајлс, која долги години беше вокалистка на Мајкл Џексон и Витни Хјустон, во разговор за Anadolu Agency (AA) рече дека имала турнеја во многу земји, но дека најмногу ѝ се допаднала Турција.

Познатата пејачка, потенцирајќи дека Истанбул е неверојатно убав град, рече дека секогаш кога има можност, се обидува да ја посети Турција за да се сретне со луѓето и да ја доживее турската култура.
„Вие сте многу среќни што имате таква прекрасна земја“, рече Мајлс, и додаде: „Не е важно тоа што се случува надвор. Јас не сум политичарка. Држете се цврсто едни со други. Заштитете се себеси и вашите традиции. Каде и да сум во Европа или Турција, ги штитам своите традиции. Само ви велам, држете се цврсто едни со други и сакајте се“, нагласи Мајлс.
- „Вашето однесување е погласно од гласот на зборовите“
Мајлс, која пред извесен период во Турција одлучи да стане муслиманка, истакна дека многу работи за исламот ги има научено во Турција.
„Мојата ситуација не беше сведена на тоа ’Ајде, ќе одам во Турција и ќе станам муслиманка‘. Како и сите убави работи, и исламот дојде до мене. Каде и да се наоѓате во светот, ако доживувате голем број прекрасни работи, верувате дека тоа треба да го направите. Јас тоа и го направив. Исламското искуство тука е многу силно. Зошто да одам на некое друго место?“, рече Мајлс.
Дела Мајлс, наведувајќи дека и во САД голем дел од времето го поминувала меѓу муслиманите, рече дека исламот го избрала поради работите што ги научила во Турција.
„Мислам дека исламот ме избра мене. Затоа што многу време поминав во оваа држава. Тука научив многу работи за верата и почувствував потреба да го изберам исламот“, нагласи Дела Мајлс.
Таа, истакна дека кога разговара со пријателите Турци и муслимани постојано нешто учи за исламот.
„Секогаш го истакнувам ова, дека книгата [Куранот] е прекрасна, но дека вашето однесување зборува погласно од вашите зборови.“
- „Сфатив дека морам да одам по овој пат“
Дела Мајлс, посочувајќи дека во исламот за неа сѐ е многу ново, рече дека научила многу работи откако станала муслиманка.
„Во моментов за мене сѐ е ново. Себеси се доживувам како бебе. Затоа што секој ден имам да научам нешто ново, имам долг пат пред мене. Се надевам дека учам од лицата околу мене. Погледнете колку убаво се смеат. Сево ова мене ме импресионира“, рече Мајлс.
Таа, истакнувајќи дека Куранот има ајети (стихови), кои препорачуваат да се однесуваш добро кон соседите и пријателите, а дека Турците тоа го спроведуваат, рече:
„Можеби не знаат која сум, но еден нивни поглед предизвикува да се чувствувам мирно. Тоа е вистинскиот муслиман, во кого верувам и јас. Не е муслиман тој што само ја чита книгата, ништо не прави и само вели ’Јас сум муслиман‘. Ова е она што сакам да го кажам“, рече Мајлс.
Раскажа дека почнала да учи за исламот уште од првиот ден кога ја посетила Турција.
„Не бев свесна дека ја знам. Го видов однесувањето на луѓето и реков, ете ова го вели Куранот. Потоа ги составив сите делови и сфатив дека треба да одам по тој пат. Тоа не е поврзано само со читањето на книгата. Секако, знам дека сите не се такви, но кога ќе одите кај сосед муслиман и побарате нешто, веднаш ќе ви помогне. За мене тоа е муслиманство“, истакна Мајлс.
- „Се чувствувам одговорна за да им помагам на угнетените“
Пејачката Мајлс, која на социјалните медиуми пишува и не молчи за драмата што се случува во Палестина, рече дека уметниците треба јасно да го изнесат својот став против неправдата.
„Кој ќе види таква драма, треба да го покаже овој став. Јас како човек се чувствувам одговорна за да им помагам на угнетените. Тоа е она што ние треба да го направиме.“
Успешната пејачка, нагласувајќи дека секој треба да ги поддржи угнетените, додаде: „Треба сите да бидеме заедно и да ги поддржиме угнетените. Тоа е толку едноставно.“
Таа, истакнувајќи дека никогаш не била во Палестина, рече дека сака таму да одржи концерт.
„Ние сме луѓе и мислам дека музиката им дава моќ на луѓето и им овозможува да се чувствуваат убаво. Сакам да одам таму. Ако се појави насмевка на нивните лица, благодарение на мене, јас сум отворена, спремна да одам“, нагласи Мајлс.
Меѓу другото, таа рече и дека во Турција за нејзините концерти сака да се наплаќа со турска лира, истакнувајќи дека е подобро секоја земја да ја користи својата валута.