Şeyma Uzundere
27 Август 2021•Ажурирај: 28 Август 2021
АНКАРА (АА) - Во терористичките напади пред Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, главниот град на Авганистан, загинаа повеќе од 110 лица, пренесува Агенција Анадолија (AА).
Според „Ал Џезира“, во терористичките напади загинале најмалку 110 луѓе, меѓу кои 13 американски војници.
„Ние изгубивме повеќе луѓе отколку Американците“, изјави неименуван претставник на талибанците, додавајќи дека во нападите загинале 28 нивни припадници.
Тој додаде дека нема потреба да се продолжува датумот за завршување на евакуацијата и повлекувањето на американските сили, со краен рок 31 август.
Претставник на западните безбедносни служби изјави дека евакуацијата на цивилите е забрзана и дека летовите се реализираат редовно.
Две експлозии одекнаа вчера во близина на Аеродромот „Хамид Карзаи“ во Кабул, каде што се одвиваат операциите за евакуација. Нападите ги осудија многу држави, како и талибанците.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе ги бара сторителите и дека ќе се одмазди.
„Нападот го изврши група позната како ДЕАШ-К“, рече Бајден.
Бајден истакна дека добиле извештаи во последните недели дека ДЕАШ-К ќе изврши напад на аеродромот во Кабул, поради што тие се решени да ја завршат мисијата во Авганистан до 31 август.
Портпаролот на Американските централни сили (CENTCOM), полковник Бил Урбан, објави дека во терористичките напади на аеродромот загинале 13 американски војници, а 18 се ранети.