Ekipa
11 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
КАБУЛ (АА) - Авганистанскиот претседател Ашраф Гани официјално го одобри ослободувањето на талибанските затвореници што ќе започне оваа сабота, како дел од напорите на Кабул да започне директни разговори со бунтовничката група, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според декретот потпишан од претседателот Гани, од талибанските затвореници ќе се бара да дадат писмена изјава со која се обврзуваат дека нема повторно да го земат оружјето в раце.
Во синоќешниот твит, портпаролот на претседателот, Седик Седики, истакна дека декретот го потпишал ослободувањето на талибанските затвореници „во согласност со прифатената рамка за почеток на разговорите меѓу Владата и бунтовничката група.“
Во декретот објавен во медиумите денес се вели дека првично ќе бидат ослободени 1.500 затвореници. Тие ќе бидат ослободени по биометрискиот процес и во групи од по 100, секој ден во период од 15 дена.
„Ослободувањето на 1.500 талибанци е гест на добра волја, а процесот ќе започне на 14 март во затворите Парван. Секој ден ќе бидат ослободувани по 100 талибански затвореници земајќи ја предвид возраста, здравствената состојба и преостанатото време на затворската казна“, се вели во декретот.
Кабул очекува овој потег да ги донесе талибанците на преговарачката маса и ги пренесе своите услови за ослободување на преостанатите 3.500 талибански затвореници.
„Со почетокот на директните разговори меѓу авганистанската Влада и талибанците, на секои две недели ќе бидат ослободувани 500 талибански затвореници, под услов да се продолжи со намалување на насилството, сè додека не бидат ослободени останатите 3.500“, се нагласува во декретот.
По договорот меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и талибанците и заедничката декларација на Авганистан и САД на 29 февруари, Кабул се очекува да ослободи до 5.000 затвореници, а талибанците треба да ослободат 1.000 заробеници со цел да започнат внатреавганистанските преговори.
Еден ден откако беше потпишан историскиот договор во главниот град на Катар, Доха, претседателот Гани појасни дека авганистанската Влада не дала никаква заложба во врска со предложеното ослободување на талибанските затвореници.
„Ослободувањето на затворениците не е во доменот на САД, само авганистанската Влада го има тој авторитет“, рече тој на прес-конференцијата во Кабул, додавајќи дека авганистанскиот Парламент е тој што ќе одлучи за ова прашање.
Сепак, Гани во понеделникот соопшти дека е постигнат механизам за ослободување на талибанските затвореници, положувајќи заклетва како претседател за уште еден петгодишен мандат.