Zeynep Katre Oran
03 Август 2024•Ажурирај: 08 Август 2024
АНКАРА (АА) - Авиокомпаниите од Соединетите Американски Држави (САД), Европа и Азија ги прекинаа летовите кон Израел и Либан, наведувајќи ја како причина безбедносната загриженост по најновите случувања на Блискиот Исток, јавува Анадолу.
Одлуката уследи по атентатот во средата на политичкиот шеф на Хамас, Исмаил Ханије, во Техеран. Очекуваната одмазда од Иран против Израел ги зголеми безбедносните ризици, што влијаеше и на операциите на авиокомпаниите.
Јунајтед ерлајнс, која реализира 14 летови неделно на релација Њујорк - Израел, ги прекина летовите за Израел до 6 август.
И американската авиокомпанијата Делта ерлајнс, исто така, ги прекина летовите кон Израел, а Бритиш ервејс ги откажа летовите до земјата во средата.
Свис итернешнал ерлајнс ги прекина летовите меѓу Цирих и Тел Авив најмалку до 8 август, наведувајќи ја безбедноста на екипажот и патниците како причина. Исто така, прекинот на летовите Цирих-Бејрут, кој првично требаше да трае до 29 јули, е продолжен до 12 август.
Германската авиокомпанија Луфтханза објави дека ги прекинува летовите за Бејрут и Тел Авив до 8, односно 12 август, поради безбедносни причини.
Авиокомпанијата соопшти дека ќе ја следи ситуацијата за да утврди кога може да продолжат летовите.
Ер Индија, исто така, ги откажа своите летови до Тел Авив до 8 август, поради безбедносни причини.
ИТА Ервејс, италијанскиот авиопревозник, објави дека летовите до и од Тел Авив се суспендирани до 6 август „поради геополитичките случувања на Блискиот Исток и осигурување на безбедноста на патниците и екипажот“.
Полската национална авиокомпанија ЛОТ откажа осум летови за Либан и Израел закажани за 3 и 4 август, јави полската новинска агенција ПАП.
Холандската авиокомпанија KLM, исто така, ги откажа сите свои летови до и од Израел до 26 октомври.
Ејџијан ерлајнс и Кондор ерлајнс, исто така, ги прекинаа летовите од Атина до Бејрут поради регионалните тензии.
Сингапур ерлајнс (SIA) соопшти дека ќе го избегнува иранскиот воздушен простор поради зголемените тензии на Блискиот Исток.
Прекинот на летовите доаѓа во време на зголемени тензии и потенцијал за избивање поширок конфликт меѓу Иран и либанската група Хезболах од една страна и Израел од друга страна.
Летовите се прекинати по убиството на високиот командант на Хезболах, Фуад Шукр од страна на Израел во вторникот и обвинувањата на палестинското движење Хамас и Иран дека Израел го извел атентатот врз шефот на нивното Политичко биро, Исмаил Ханије, во иранската престолнина Техеран во средата.
Хамас и Иран ветија дека ќе се одмаздат за атентатот на Ханије, додека Хезболах вети дека ќе одговори на убиството на Шукр.