Islam Uddin
22 Декември 2025•Ажурирај: 23 Декември 2025
АНКАРА (АА) - Австралискиот премиер Ентони Албаниз денес јавно се извини за неодамнешното пукање на плажата Бонди и најави широки реформи, јавува Анадолу.
За време на прес-конференцијата во Парламентот во Канбера, премиерот Албаниз рече дека неговата Влада ќе работи секојдневно на заштита на австралиските граѓани.
„Ја чувствувам тежината на одговорноста за злосторството што се случи додека сум премиер. И жал ми е“, изјави тој за новинарите, според транскриптот објавен на веб-страницата на премиерот.
Албаниз најави серија законски предлози насочени кон зајакнување на заштитата од злосторства од омраза и екстремистички активности, нагласувајќи широки консултации со двете заедници и Парламентот.
Предложените мерки вклучуваат воведување сериозно кривично дело за проповедање омраза што заговара насилство против заштитени групи и зголемување на казните за говор на омраза или заговарање насилство и уништување на имот.
Владата, исто така, разгледува можност за доделување овластувања за поништување визи на лица што се вклучени во говор на омраза, прикажување симболи на омраза или поврзаност со терористички или забранети групи.
Според премиерот, се разгледуваат и измени на Законот за царина, со цел забрана на екстремистички материјали и симболи на омраза.
Албаниз додаде дека властите на сојузните држави и територии работат заедно на координација на промените во реформите на законите за оружје.
Во неделата премиерот најави и дека федералните разузнавачки и полициски агенции ќе бидат предмет на ревизија по масовното пукање на 14 декември на плажата Бонди. Ревизијата, како што соопшти, ќе биде завршена во април и јавно објавена.
Минатата недела маж и неговиот син отворија оган на плажата во Сиднеј, при што загинаа 15 лица, а 42 беа повредени. Полицијата го опиша инцидентот како „терористички напад“.