МЕЛБУРН (АА) – Извршниот директор на Фондацијата за мултикултурализам во Австралија, Булент Делал, изјави дека 44 проценти од населението во државата го сочинуваат имигранти и семејства со имигрантско потекло, јавува Anadolu Agency (AA).
Делал даде изјава за АА во седиштето на Фондацијата за мултикултурализам во Австралија, во Мелбурн, по повод Меѓународниот ден на имигрантите. Тој истакна дека Австралија е една од државите што примаат најмногу имигранти.
Делал изјави дека секоја година околу 800 илјади лица доаѓаат во Австралија со постојана или привремена виза за работа, школување, или пак доаѓаат цели семејства. Тој додаде оти 44 проценти од населението го сочинуваат лица што се родени во друга држава или пак имаат мајка или татко родени во друга држава.
Тој понатаму истакна дека државата од 1945 година наваму има примено повеќе од 7 милиони имигранти и додаде оти 4 милиони луѓе покрај англиски, зборуваат уште еден јазик, а заедно живеат луѓе од 270 различни етнички корени. „Ова е многу важно од аспект на австралиската економија“, нагласи Делал.
- Австралија спроведува мултикултурна политика од 1974 година -
Делал нагласува дека повеќе држави во светот имаат мултикултурна структура, но според него, повеќето од нив не ги задоволуваат потребите на мултикултурализмот.
„Не е исто да се биде мултикултурна држава и успешна повеќекултурна држава. Ако сакате да бидете успешна повеќекултурна држава, треба да имате таква политика и институции што ја поддржуваат таквата структура. Владата на Австралија ја креираше политиката на мултикултурализам во 1974 година“, рече Делал.
Тој додаде дека ваквата политика на Австралија ја сочинуваат човековите права, образованието, вработувањето и еднаквоста, а овозможува и признавање на слободата и правото на религија, јазикот и културата. Од друга страна, според него, од имигрантите се очекува да придонесуваат во општеството, како и да имаат почит кон законите, останатите религии, култури и јазици.
„Секој може да каже: ’ние сме мултикултурно општество’, но, како се води мултикултурализмот, како се држи општеството заедно, како се покажува почит еден кој друг, и како се прифаќа религијата на имигрантите и нивната култура? Ова бара разбирање, бара лидерство. Имигрантите имаат многу важна улога во растот на економијата на овој голем континент, таа улога е важна од секој аспект“, истакна Делал.
Делал понатаму рече дека во Австралија официјален јазик е англискиот, но фактот што се зборува на 230 различни јазици го привлекува вниманието на меѓународните фирми. „Светските фирми се водат од мислењето дека во Австралија треба да ги формираат своите компании: ’блиску е до Азија, а најважно е тоа што се зборува на 230 различни јазици’, вака размислуваат тие“, додаде Делал.
Во врска со антиимигрантските изјави од типот: „Имигрантите ни ги земаат работните места“, Делал рече дека според статистиката, ова не е точно. „Во денешно време, извозот на ’халал месо’ придонесува со околу 14 милијарди долари во Австралија. Ја зголемува економијата, донесува нови работни места. Придонесите од работата пак, помагаат во школувањето на децата. Не можете овие работи да ги избегнете. Ова не оди со расправии“.
Тој забележа дека ксенофобичните говори во Австралија се производ на незнаење и страв.
„Денес во Австралија процентот на противници на исламот и муслиманите е 24 отсто“, рече Делал и додаде оти најдобриот одговор за ова го дале анкетите од последните 3 години, кои покажуваат дека 84 проценти од испитаниците се на страната на мултикултурализмот.
- Турската заедница е пример за позитивна интеграција на една заедница -
Делал ја оцени состојбата со турските имигранти во Австралија и рече дека турската заедница се посочува како пример. „Турците се заедница со најсилна и позитивна интеграција. Во Австралија постојано се посочуваат како пример“, рече тој.
Делал раскажа дека неговото семејство имигрирало од Кипар во Австралија во 1948 година. Тој е роден во Мелбурн, во 1952 година, а дипломирал на факултетот за уметност.
- Австралија и имигрантите -
Според податоците од Државното биро за статистика, од 24 милиони и 300 илјади жители, живеат 6,7 милиони имигранти родени во други држави. Ова подразбира 28,2 проценти од населението, а кога ќе се додадат децата и внуците, вкупната бројка изнесува 44%.
Најголемиот број од имигрантите, 5,1 милион жители се со потекло од Обединетото Кралство, а на второ место се доселените од Нов Зеланд, со бројка од 2,6 милиони жители.
Во Австралија живеат 2 милиони луѓе со кинеско потекло. Според последниот попис од 2011 година, во државата живеат 32 илјади 845 жители со турско потекло. Кога на оваа бројка би се додале доселените од Турска Република Северен Кипар и од Западна Тракија, како и Турците родени во Австралија, бројот на Турци што живеат во државата ќе биде околу 200 илјади.