Islam Uddin
10 Декември 2025•Ажурирај: 11 Декември 2025
АНКАРА (АА) – Австралија денес стана прва држава во светот што воведе целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 16 години, јавува Анадолу.
Забраната стапи на сила на полноќ по локално време, со што властите им наложија на платформите, како Фејсбук, Инстаграм, X, ТикТок, Јутјуб и Снепчет, да ги блокираат корисниците под 16 години или ќе се соочат со парични казни до 49,5 милиони австралиски долари (33 милиони американски долари).
Австралискиот премиер Ентони Албанезе истакна дека ова е „момент на голема гордост“, додавајќи: „Никогаш не сум бил погорд што сум премиер на Австралија. Ова е Австралија која вели ‘доста е’.“
„Ова ќе направи огромна промена. Се работи за една од најголемите социјални и културни трансформации со кои нашата земја се соочила. Тоа е длабока реформа што ќе одекнува низ светот во следните месеци“, додаде тој.
Стотици илјади австралиски тинејџери веќе користат социјални мрежи – околу 440.000 млади на возраст од 13 до 15 години се на Снепчет, околу 350.000 на Инстаграм, 325.000 на Јутјуб и повеќе од 200.000 на ТикТок.
Листата на ограничени платформи, според комесарот за е-безбедност, ги вклучува Фејсбук, Инстаграм, Кик, Редит, Снепчет, Тредс, ТикТок, Твич, X и Јутјуб.
Услугите за пораки, како што се Ватсап и Фејсбук месенџер, не се опфатени со забраната. Други платформи и алатки, меѓу кои и Дискорд, ГитХаб, Гугл Класрум, Лего Плеј, Пинтерест Стим, Стим чат и Јутјуб Кидс, исто така, се исклучени.
Новата регулатива предвидува казни исклучително за платформите, а не за децата или нивните родители.
Комесарот за е-безбедност соопшти дека ќе „го следи спроведувањето и ќе го применува законот“ користејќи ги своите овластувања од Законот за онлајн безбедност.