Recep Şakar
01 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Октомври 2021
МЕЛБУРН
Австралискиот премиер Скот Морисон истакна дека меѓународните граници, кои беа затворени во март 2020 година за да се спречи ширењето на Ковид-19, ќе бидат отворени во ноември, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Морисон на прес-конференција одржана во главниот град Канбера даде изјави за тоа кога ќе се отворат австралиските граници, кои беа затворени околу 18 месеци поради појавата на Ковид-19.
Наведувајќи дека оние кои имаат примено двојна доза на вакцината против Ковид-19 ќе можат да патуваат во странство од ноември, Морисон рече: „Време е да им го вратиме животот на Австралијците.“
Морисон истакна дека меѓународните граници ќе се отворат почнувајќи од државата Нов Јужен Велс (NSW), чија стапка на вакцинација со две дози се очекува наскоро да достигне 80 проценти.
Наведувајќи дека Австралијците со аплицирани две дози што ќе се враќаат во земјата, во Нов Јужен Велс ќе бидат ставени во домашен карантин 7 дена наместо 14-дневниот карантин во хотел како што беше порано, Морисон рече: „Спасивме животи со затворање на границите. Ги заштитивме нивните пари. Сега мора да работиме заедно за да овозможиме Австралијците да се вратат во животот што го имале претходно.“
Истакнувајќи дека ќе даваат совети на Австралијците кои ќе заминат надвор од земјата ако сметаат дека тоа е потребно, Морисон рече: „Ако има места каде што веруваме дека не треба да се патува, земајќи ги предвид препораките на Потсекретаријатот за здравство, ќе ги советуваме да не патуваат во тие места.“
Хотелскиот карантин од 14 дена ќе остане во сила за оние кои ќе дојдат во Австралија, а немаат примено вакцина против Ковид-19.
- Соопштени се вакцините со кои може да се влезе во Австралија
Администрацијата за терапевтски производи, која ги одобрува медицинските материјали и лекови што треба да се користат во Австралија, соопшти дека со отворањето на границите, оние што имаат потврда дека имаат примено две дози од „Фајзер-БајоНТех“, „АстраЗенека“, „Модерна“, „Џонсон & Џонсон“, „Синовак“ и „Ковишелд“, ќе можат да влезат во Австралија.
Со отворањето на границите кои беа затворени од март 2020 година, се очекува да се вратат Австралијци од различни земји во светот, како и меѓународни студенти кои сакаат да студираат на универзитети во Австралија.
- Во Австралија уште 18 лица починаа од Ковид-19
Соопштено е дека 1.143 лица во Викторија, 864 во Нов Јужен Велс, 52 лица на територијата на главниот град на Австралија и уште 2 лица во државата Квинсленд, кои беа погодени од варијантата Делта на вирусот, се заразени со Ковид-19.
Во Нов Јужен Велс како последица од Ковид-19 животот го загубија 15 лица, а во Викторија, 3 лица. Со тоа вкупниот број на смртни случаи во земјата се зголеми на 1.311.
Во Австралија, каде што има уште 20.114 активни случаи, од 1.482 пациенти со Ковид-19 кои се хоспитализирани во болницата, 296 се на интензивна нега.