Sinan Doğan
01 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Октомври 2021
БОГОТА АА) - Бројот на загинати во бунтот во затворот во Еквадор се искачи на 118, со над 80 повредени, соопштија официјалните лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Уште две мртви тела се пронајдени откако властите ја вратија целосната контрола врз затворот „Литорал“, каде што се случија големи немири“, објавија еквадорските медиуми.
Војници и полициски екипи ги претресоа сите ќелии во затворот барајќи остри предмети, оружје и импровизирани експлозивни направи.
Институот за судска медицина во земјата во соопштението наведува дека се идентификувани само 24 тела од 118 затвореници кои го загубиле животот.
Во меѓувреме, официјални претставници изјавија дека се зголемени безбедносните мерки во сите затвори во Еквадор и дека се спроведуваат строги инспекции во затворите каде што може да настанат немири и судири.
Претседателот Гилермо Ласо објави дека е прогласена вонредна состојба во времетраење од 60 дена во затворите во земјата.
Директорот на Бирото за затвори во земјата, Боливар Гарзон, исто така, рече дека Еквадор се соочува со голема трагедија, додавајќи дека судирот меѓу организираните криминални групи и внатрешната борба за власт, за жал, стигнале до оваа точка.
Во јули, претседателот на Еквадор прогласи вонредна состојба во затворите во земјата, откако во борбите меѓу ривалските банди загинаа 22 затвореници, а десетици беа повредени.
Околу 38.000 затвореници во моментов издржуваат казни во 60 објекти во Еквадор наменети за 29.000 затвореници, што понекогаш резултира со немири.
На 24 февруари, најмалку 80 затвореници загинаа во немирите што избија истовремено во објектите во три града.