Aşkın Kıyağan
03 Јуни 2021•Ажурирај: 04 Јуни 2021
ВИЕНА
Дигиталната карта под називот „Исламска карта“ (Islam-Landkarte), која содржеше детални информации за муслиманските институции во Австрија е исклучена поради сериозните реакции од различни кругови и критики дека со овој проект се посочуваат муслиманските институции во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Документацискиот центар за политички ислам, кој го воспостави Владата на австрискиот канцелар Себастијан Курц, претходно му наложи на професорот од Универзитетот во Виена, Еднан Аслан и неговиот тим да ја состават „дигиталната карта“. Апликацијата е направена, но моментално е ставена надвор од функција.
Аслан, огласувајќи се на веб-страницата „www.islam-landkarte.at“, изрази жалење што овој проект предизвикал политички контроверзии и што некои крајно десничарски групи го злоупотребиле.
Тој тврди дека неговата цел била да направи студија која се занимава со сите аспекти на различните исламски групи во земјата, не зборувајќи за тоа дали дигиталната карта е потполно укината или ќе работи на поразличен начин.
Од државните институции, кои моментално не работат поради државниот празник, немаше огласувања за тоа дали употребата на апликацијата е укината.
Откако дигиталната карта стана достапна на 27 мај, групите на крајната десница на многу џамии истакнаа натписи со антиисламски пораки.
Документацискиот центар за политички ислам, кој е основан под водство на коалициската Влада на Австриската партија на десничарскиот центар (ÖVP) и партијата на Зелените, со јавноста ја сподели дигиталната карта под називот „Исламска карта“, а која содржи детални информации за различните организации како 600 џамии и едукативни центри кои припаѓаат на муслиманите, како и нивните светогледи, менаџери и адреси.
Одредени кругови дигиталната карта ја оценија како дискриминаторска, односно дека ги прикажува муслиманите како потенцијални криминалци. Наведуваат дека овој проект изгледа како да става етикети и дека Владата, која била преплавена со истрагата за корупција, излезот од таквата ситуација уште еднаш се обидела да го најде со манипулација на општеството преку муслиманите.