Vesna Besiç
22 Февруари 2018•Ажурирај: 23 Февруари 2018
ВИЕНА (АА) - Сегроте, најголемото подземно езеро во Европа, настанато како последица на експлозијата која во 1912 година се случи во рудникот за гипс во близина на Хинтерброл, Австрија, привлекува голем број туристи од целиот свет, пишува Anadolu Agency (AA).
По експлозијата, долниот дел на рудникот, составен од голем број комори и тунели, во целост е потопен и на тој начин е создадено најголемото подземно езеро во Европа, со вкупна површина од 6.200 квадратни метри. Длабочината на езерото се движи од 1,5 до 12 метри.
До езерото се доаѓа преку тунел долг 445 метри. Уште од 1930 година посетителите со чамци можат да се возат низ ова сосема невообичаено место. На 60 метри под земјата е изложен и позлатен чамец со глава на змеј.
Патувањето низ подрачјето на кое се наоѓа подземното езеро, со светилки, нуди незаборавно искуство.
На влезот во езерото се наоѓа и спомен плоча на петмина туристи кои во 2004 година го изгубија својот живот при превртување на чамец. По трагедијата, на туристите им е забрането застанување за време на возењето.
Рудникот за гипс беше отворен во 1848 година, а затворен е по несреќата во 1912 година. Бизнисменот Фридрих Фишер во 1932 година го купи рудникот, ја уреди внатрешноста и го отвори за посетителите.
За време на Втората светска војна рудникот беше затворен, но неговите горни комори и понатаму се користени, во овој случај за правење на авиони.