Sarp Özer
20 Мај 2019•Ажурирај: 21 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, денес со министерот за одбрана на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, разговараше за ситуацијата во сирискиот град Идлиб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министрите во телефонски разговор ја разгледаа ситуацијата во Идлиб и безбедносната ситуација во регионот.
„Тие разговараа за мерките што би требало да бидат преземени со цел намалување на судирите и тензиите во делови на Сирија“, се соопштува од турското Министерство за одбрана.
- Повик на Обединетите нации (ОН) -
Обединетите нации претходно предупредија дека опсежен воен напад во Идлиб би бил најголемата трагедија на 21 век.
„И покрај сите предупредувања што ги дававме досега, нашите најголеми стравови веќе се остваруваат“, изјави Марк Лоукок, заменикот на генералниот секретар на ОН задолжен за хуманитарни работи, во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН на 17 мај во Њујорк.
Тој истакна дека се посебно алармантни воздушните напади во Идлиб во изминатите три недели, додавајќи дека во тој период загинале речиси 160 лица.
Нагласи дека во истиот период од Идлиб побегнале најмалку 180 илјади лица, од кои 80 илјади немаат речиси никакво место за престој.
Тој истакна дека во нападите се оштетени 17 училишта, а многу училишта се и потполно затворени поради што околу 400 илјади ученици не се во можност да ја следат наставата.
Во воздушните напади од 28 април се погодени и 18 здравствени установи, а 49 престанале со работа поради страв од нови воздушни напади.
Потсети дека од 3 милиони лица, коишто живеат во деескалационата зона во Идлиб, 1,3 милиони се доселиле на тоа подрачје, барајќи побезбедно место за престој.
- Зона на деескалација на судирите -
На состанокот на претставниците на Турција, Русија и Иран одржан на почетокот на мај 2017 година во Казахстан, Идлиб и околината се прогласени за зона на деескалација на судирите. По режимските напади што го кршеа процесот на примирје започнат во тие рамки, Турција и Русија постигнаа додатен договор. Сепак, и покрај Договорот од Сочи потпишан на 17 септември 2018 година, режимските сили со помош на сојузниците ги продолжуваат нападите.
Нападите се интензивирани за време на 12. состанок на Турција, Русија и Иран одржан на 25 и 26 април во Нур-Султан (Казахстан).