Sarp Özer
31 Мај 2022•Ажурирај: 01 Јуни 2022
АБУ ДАБИ (АА) - Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, денес изјави дека не прифаќаат постоење на терористи на југот од земјата или на северот од Сирија, известува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Акар, кој е во посета на Обединетите Арапски Емирати, се сретна со Мохамед Бин Ахмад Ал Боварди, државен министер за одбрана, а беше примен и од Мохамед Бин Зајед Ал Нахјан, претседател на ОАЕ и емир на Абу Даби.
Истакнувајќи дека ова е прва посета на турски министер за одбрана на оваа земја по пауза од 15 години, Акар се осврна на односите меѓу двете земји.
„Во наредниот период очекуваме значајни и позитивни промени во соработката во областа на воената обука, како и по прашањата од одбранбената индустрија“, рече министерот Акар.
Запрашан од новинарите за можна операција на турските вооружени сили во северна Сирија, Акар рече:
„Во никој случај не прифаќаме постоење на терористи на југот од нашата земја, ниту на северот од Сирија.“
Тој нагласи дека турската армија е подготвена да изврши секаква задача.
„Турските вооружени сили со својата жива сила, опрема, оружје, мотивација, искуство и врвен морал, се подготвени да ја извршат секоја задача. Во тој поглед, тие се одлучни и способни“, рече Акар.
Запрашан за наводите дека терористите ископале нови тунели во северна Сирија, Акар рече:
„Сите треба да гледаат што правиме ние, а не што прават терористите“.