свет

Актер од серијата „Круна“ повикан на разговор во полиција поради присуство на пропалестински протест

Протестот, организиран од Палестинската кампања за солидарност, се одржа на 18 јануари во Вајтхол, Лондон

Aysu Biçer  | 04.03.2025 - Обновена : 05.03.2025
Актер од серијата „Круна“ повикан на разговор во полиција поради присуство на пропалестински протест

ЛОНДОН (АА) – Британскиот актер Калид Абдала, најпознат по улогата на Доди Фајед во серијата „Круна“ на Нетфликс, е повикан на полициско испрашување во врска со пропалестинскиот протест што се одржа во јануари, јавува Анадолу.

Абдала (44) ја откри оваа информација во објава на Инстаграм во четвртокот, наведувајќи дека добил писмо од Метрополитенската полиција со покана да присуствува на испрашувањето.

Протестот, организиран од Палестинската кампања за солидарност, се одржа на 18 јануари во Вајтхол, Лондон.

Актерот не е единствениот кој е под полициска истрага – според неговите зборови, слични покани добиле и други лица, меѓу кои и Стивен Капос, 87-годишен преживеан од холокаустот.

Абдала изрази загриженост за ситуацијата, нагласувајќи дека правото на протест во Велика Британија е под закана.

Тој изјави дека одбраната на ова право е од суштинско значење за сите, додавајќи дека нема да дава дополнителни коментари за протестот од 18 јануари од правни причини.

Портпаролот на Метрополитенската полиција потврди дека истрагата се однесува на наводни прекршувања на Законот за јавен ред што се случиле за време на протестот.

Полицијата поканила вкупно осум лица, вклучувајќи го и Абдала, на испрашување во полициска станица.

Абдала, кој е роден во Велика Британија од египетски родители, е познат како гласен поборник за палестинската кауза и редовно присуствува на пропалестинските демонстрации.

Тој често ги користи своите профили на социјалните мрежи за да ги повика западните земји да престанат да го вооружуваат Израел и да ја подигне свеста за состојбата во Палестина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.