Efe Özkan
15 Септември 2025•Ажурирај: 16 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Неколкумина актери ја искористија сцената на 77. издание на доделувањето на наградите „Еми“ во Лос Анџелес за да повикаат на „Слободна Палестина,“ носејќи палестинска марама – кефија и чанта, со порака „ПРЕКИН НА ОГНОТ!“, јавува Анадолу.
Ѕвездата на серијата „Трикови“, Хана Ајнбиндер, која ја освои својата прва награда „Еми“ за најдобра споредна улога во комедија, го заврши говорот по повод доделувањето на наградите повикувајќи на слободна Палестина.
„Моја обврска како Еврејка е да ги разликувам Евреите од државата Израел. Нашата религија и нашата култура... навистина се одвоени од овој вид етнонационалистичка држава“, додаде таа.
Хавиер Бардем, облечен во кефија и изразувајќи поддршка за „Филмски работници за Палестина“, на влезот на црвениот тепих изјави: „Еве ме денес, го осудувам геноцидот во Газа… Слободна Палестина!“
Во неделата пред доделувањето на наградите „Еми“, 3.900 имиња од индустријата потпишаа отворено ветување дека нема да соработуваат со израелски институции и филмски компании што се „вмешани во геноцид и апартхејд против палестинскиот народ“.
Во соопштението објавено од организацијата „Филмски работници за Палестина“ се наведува дека пример за соучесништво се „обиди за оправдување или замаглување на геноцидот и апартхејдот, како и партнерства со Владата што ги извршува.“
„Она на што сме сведоци е геноцид. И како што реков во вашата емисија, ова што го гледаме во 4К во живо на дневна основа, мора да престане“, рече Бардем во едно интервју.
Тој продолжи изјавувајќи дека нема и не може да соработува со оние што „го оправдуваат или го поддржуваат геноцидот“.
„Не можам. Тоа е толку едноставно. И не треба да можеме да го правиме тоа во оваа индустрија и во која било друга индустрија. Денес во Мадрид, во Шпанија, велосипедската тура беше запрена од илјадници, илјадници и илјадници луѓе на улиците што маршираа велејќи дека не може да дозволиме тимот на Израел да биде на оваа тура“, рече Бардем.
Меган Сталтер од „Трикови“, исто така, позираше на црвениот тепих држејќи чанта испишана со задебелени букви „ПРЕКИН НА ОГНОТ!“.