Betül Yürük
24 Септември 2019•Ажурирај: 25 Септември 2019
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Шведската активистка за борба против климатските промени, 16-годишната Грета Тунберг, упати критики до светските лидери дека се концентрирани само на економскиот раст и на парите, додека екосистемот се распаѓа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тунберг, со бродот со нулта емисија на јаглерод диоксид, преминувајќи го Атлантскиот Океан од Велика Британија пристигна во Њујорк за да учествува на Самитот за климатските промени. Таа со својот емотивен говор на Самитот остро ги критикуваше лидерите.
„Јас не треба да бидам тука, треба да бидам на училиште преку океанот. Вие со каква храброст очекувате надеж од нас. Со празните зборови ми го украдовте детството и соништата. Сепак јас сум едно од среќните деца. Луѓето умираат, екосистемот ни се распаѓа, се соочуваме со масовно уништување, a вие зборувате само за пари и економски раст. Каква е таа храброст?“, нагласи Тунберг.
Истакнувајќи дека извесен период говори за акција против климатските промени, Тунберг рече дека лидерите го игнорираат тоа.
„Доаѓате тука и велите дека правите нешто. Ако навистина ја разбирате сериозноста на ситуацијата и сè уште не делувате, тоа покажува дека сте ѓавол, но јас не сакам да верувам во тоа. Вие нè разочаравте, но младите сега се свесни за вашето предавство. Очите на идните генерации ќе бидат врз вас“, рече Тунберг, на Самитот за климатските промени во Њујорк.