Ruslan Rehimov
03 Октомври 2020•Ажурирај: 04 Октомври 2020
БАКУ (АА) - Азербејџанскиот претседател, Илхам Алијев, коментирајќи го текот на операцијата што против ерменските сили ја започна азербејџанската Војска за ослободување на својата окупирана територија, порача дека Азербејџан не сака повеќе да чека туку сака конечно да се реши проблемот што трае со децении, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Не можеме повеќе да слушаме изјави како „застанете, ќе се обидеме, ќе преговараме и ќе ви помогнеме“. Многупати го слушнавме ова. Немаме време да чекаме уште 30 години. Проблемот мора да се реши сега“, изјави Алиев за „Ал Џезира“.
Истакна дека главната причина зошто конфликтот околу Нагорно Карабах сè уште не е решен е тоа што Ерменија не е за воспоставување мир.
Потсети дека ерменските власти целосно игнорирале и прекршиле четири резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), со кои се бара безусловно ставање крај на окупацијата на тоа подрачје.
Алијев додаде и дека Минската група на ОБСЕ, која се обидува да помогне во надминување на кризата во Нагорно Карабах, веќе 28 години не постигнала никакви резултати, порачувајќи дека Азербејџан сака да го реши ова прашање веднаш, без натамошно одолговлекување.
На 27 септември, ерменските сили извршија нови напади врз азербејџанските населби и позиции, а азербејџанските сили одговорија со напади врз ерменските позиции.
Ерменските власти потоа прогласија општа мобилизација и воена состојба поради судирите во регионот на Нагорно Карабах, а и властите на Азербејџан исто така прогласија воена состојба во 19 подрачја, вклучувајќи го и главниот град Баку. Од 1991 година ерменската Војска илегално го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации бараат повлекување на окупаторските ерменски сили од Нагорно Карабах и од седум други окупирани азербејџански региони.