Американскиот претседател Доналд Трамп, за време на неговите два претседателски мандати, нападнал или се заканил со напад на вкупно 15 држави, што е приближно секоја 13-та земја во светот, објави „Си-ен-ен“, пренесува Анадолу.
Трамп вчера го додаде Оман на таа листа, предупредувајќи дека земјата може да се соочи со американска воена акција доколку се обиде да го контролира Ормускиот Теснец заедно со Иран, наведува медиумот.
„Оман ќе се однесува исто како и сите други, или ќе мора да ги кренеме во воздух“, рече Трамп за време на состанокот на Кабинетот во Белата куќа.
Се известува дека коментарите делуваат како да се кажани попатно, а не како дел од официјална политика.
Сепак, тие целосно се вклопуваат во општата стратегија на Трамп во надворешната политика, каде што заканите со воена сила станаа секојдневие.
Оман е најмалку 15-тата земја на која Трамп или ѝ се заканил со напад, или одбил да ја исклучи можноста за напад, или ја нападнал за време на неговото претседателство.
Речиси сите тие случаи се случија во првите 16 месеци од неговиот втор мандат, иако некои ги опфаќаат двата мандати.
Досега во овој мандат, Трамп започна напади врз седум земји: Иран, Ирак, Нигерија, Сомалија, Сирија, Венецуела и Јемен. Некои од тие земји беа цел и за време на неговиот прв мандат.
Тој вкупен број не ги вклучува нападите врз наводните чамци за трговија со дрога во Карипското Море и Тихиот Океан, кои беа насочени кон речиси 60 превозни средства и во кои загинаа повеќе од 190 луѓе, се наведува.
Трамп, исто така, се закани или ја остави отворена можноста за напади против други земји за време на неговиот актуелен мандат, вклучувајќи ги Канада, Колумбија, Куба, данската територија Гренланд, Мексико, Панама и Оман.
За време на неговиот прв мандат, тој исто така им се закани на Мексико и на Северна Кореја.
Заканите и нападите се од различна природа. Некои, вклучително и нападите во Ирак, беа тесно насочени кон терористички цели, а не кон Владата на земјата.
Други закани беа помалку директни, при што Трамп едноставно одбиваше да ја исклучи воената акција.
Сепак, бројките покажуваат колку често Трамп ја искажувал можноста за употреба на сила.
Земјите на кои тој им се заканувал или ги нападнал опфаќа еден од секои 11 луѓе во светот, што значи дека значителен дел од глобалното население имало причина да ја разгледа можноста за американска воена акција под водство на Трамп, наведува медиумот.
Блискиот Исток беше во посебен фокус. Трамп досега се закани или имаше за цел пет земји во регионот: Иран, Ирак, Оман, Сирија и Јемен.
Во наводите се забележува дека неговите закани и напади опфатиле и четири од шесте населени континенти во светот: Африка, Азија, Северна Америка и Јужна Америка.
Тој, исто така, технички се закани и на една европска земја, Данска, со тоа што разговараше за можноста за преземање на Гренланд, данска територија во Северна Америка.
Во неколку случаи, коментарите на Трамп отидоа подалеку од воените закани и преминаа во можна територијална експанзија.
Од вкупно 15-те земји кои Трамп ги нападна или им се закани, пет беа означени од него како потенцијални територии кои би можеле да ѝ се припојат на Америка или да паднат под американска контрола.
Тоа се: Канада, Куба, Гренланд, Венецуела и Панама — поточно Панамскиот Канал.