Said İbicioğlu
04 Јануари 2018•Ажурирај: 05 Јануари 2018
КУДС (АА) - Арапските пратеници во израелскиот Кнесет, нацрт законот во Израел со кој се предвидува воведување на смртна казна за Палестинците го нарекоа 'легална дозвола за убиство', јавува Anadolu Agency (AA).
„Овој нацрт закон е рефлексија на израелската политика како и моралното потклекнување на Владата на Бенјамин Нетанјаху“, се наведува во соопштението на арапските пратеници.
Се додава дека израелските власти со овој закон имаат за цел да ја легитимираат окупацијата и изградбата на израелските населби на палестинската територија.
„Окупаторските војници, не правејќи никаква разлика меѓу луѓето, на улиците убиваат и жени и деца. Тие се оние на кои треба да им се суди, а не на нашиот народ кој само го користи своето право на отпор на окупацијата“, се наведува во соопштението.
На крајот се додава дека споменатиот нацрт закон нема да го запре палестинскиот народ на патот кон борбата за слобода.
„Нашиот народ и понатаму ќе биде посилен од репресивните мерки и од произволните фашистички закони“, порачаа арапските пратеници во израелскиот Кнесет.
- Во првото читање во Кнесет усвоен нацрт законот -
Вчера во првото читање во израелскиот парламент, Кнесет, усвоен е нацрт законот за воведување на смртна казна на Палестинците. Нацрт законот за воведување на смртна казна на Палестинците е усвоен со 52 гласа за и 49 против.
Нацрт законот го предложи министерот за одбрана, Авигдор Либерман, а отворено беше поддржан и од израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Според овој нацрт закон, воените судови во Израел можат да донесуваат одлуки за смртна казна за 'злосторства со обележје со тероризам'. Законот пред конечно усвојување мора да помине уште три читања.
Смртната казна е предвидена со израелскиот воен закон на окупираниот Западен брег, но никогаш до сега не беше изречена.