Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
11 Април 2019•Ажурирај: 12 Април 2019
ИДЛИБ
Бурак КАРАЏАОГЛУ / Ешреф МУСА
Силите на режимот во Сирија кои се состојат од војската на Асадовиот режим и странски терористички групи поддржани од Иран, во март извршија вкупно 6.422 напади во населените места во рамки на зоната за деескалација во Идлиб, пишува Anadolu Agency (AA).
Силите на режимот продолжуваат со интензивни воздушни и копнени напади врз цивилните населени места во северното и западното рурално подрачје на Хама, во западното рурално подрачје на Алепо и во јужниот и југоисточниот дел на Идлиб, прекршувајќи го Договорот потпишан на 17 септември во 2018 година меѓу Турција и Русија.
Според информациите кои изворите на Цивилната одбрана ги споделија со новинарот на АА, силите на режимот во март извршија бројни артилериски, минофрлачки и ракетни напади, оружја со кои се врши напад од копно на копно, меѓу кои 3.950 напади биле извршени во Хама, 299 напади во Алепо и 2.087 напади во Идлиб.
Силите на режимот минатиот месец извршиле 86 воздушни напади во Идлиб.
Тимовите на Цивилната одбрана неутрализираа 116 бомби во рамки на работите за елиминирање на бомбите кои биле лансирани во рамки на нападите на Асадовиот режим, но не биле експлодирани.
Според извештајот на Сириската мрежа за човекови права (СНХР), објавен на 2 април, вкупно 135 цивили го загубиле својот живот во нападите извршени во март од страна на Асадовиот режим, како и од терористичките групи поддржани од Иран и Русија.
- Во периодот од 9 февруари до 6 април се раселија 160.583 цивили
Според локалното граѓанско здружение „Координатори за интервенција во Сирија“, во периодот од 9 февруари до 6 април, период во кој беа интензивирани нападите, вкупно 160.583 цивили од 25.776 семејства се раселија во околните населени места и во зоните на граничната линија со Турција.
Турција, Русија и Иран, на состанокот во Астана одржан на 4-5 мај во 2017 година, прогласија зона за деескалација во Идлиб, која го вклучува целиот Идлиб, западното рурално подрачје на Алепо, северното и западното рурално подрачје на Хама и руралното подрачје на Лазкија.
Овие три земји, кои се земји гаранти, се задолжени да ги спречат нападите во овие подрачја.
Воените опозициски групи, чија земја гарант е Турција, ги повлекоа тешките оружја од зоната за разоружување утврдена во рамки на Договорот од Идлиб постигнат на 17 септември во 2018 година.
Турските вооружени сили од 8 март досега вршат патроли во овој регион.