Ekipa
17 Април 2018•Ажурирај: 18 Април 2018
ХОМС/АНКАРА (АА) - Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите поддржувачи започнаа операција врз подрачјата кои ги држат под опсада во северното рурално подрачје на сирискиот град Хомс. Во рамките на оваа операција, досега преземена е контролата врз шест точки, јавува Anadolu Agency (AA).
Асадовиот режим и неговите поддржувачи откако ја презедоа контролата врз Источна Гута во Дамаск, се насочија кон местата кои ги држат под блокада во градот Хомс, кој се наоѓа во централниот дел на Сирија.
Според информациите од новинарите на АА во Хомс, силите на режимот во последните 3 дена ја презеле контролата врз селата Вади ал Хубије, Вади ел Кубрат, Ардил Џасије, Аед Кабир еш Шејха, Захрат Џебаби и Захрат Џесије.
Силите на режимот, паралелно со копнените операции, извршија интензивни воздушни, артилериски и ракетни напади врз населените места кои се наоѓаат во северното рурално подрачје на Хомс, како Телбисе, Растан, Деир Фул, Мушрефије, Зарафани и Тирмала.
Локалните извори велат дека приоритетната цел на режимот е осигурување на безбедноста на патот Саламије, кој го поврзува Алепо со северниот дел на Хомс.
Режимот и неговите поддржувачи на овој начин сакаат да започнат една широка операција, со цел преземање на контролата врз регион од 592 километри квадратни, кој е под контрола на опозицијата.
Од 200.000 до 250.000 лица во северниот дел на Хомс веќе пет години живеат под опсада.
Режимот минатата недела ја презеде контролата врз Источна Гута, предградие во Дамаск, по 5-годишна опсада и интензивни напади.